Велешките риболовци се против порибувањето на езерото „Младост“. Од Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна “ од Велес велат дека годинава нема услови за порибување со 300 тони крап на езерото „Младост“, бидејќи водата е загадена, а рибите ќе угинат.
Тие добиле допис оти водата е загадена, без кислород и со фекалии и не е препорачано порибување. Ова е утврдено врз база на направена анализи на водата од стручњаците од Хидробиолошки завод од Охрид. Од ЗСР „Бабуна“ овој допис го доставиле и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој им го одложил поробувањето во јануари и им наложил да го извршат до 15 јуни годинава.
Даниел Наумовски претседател на ЗСР „Бабуна“, истакна дека и сега по пет месеци не се подобрени условите на водата во езерото и таа и понатаму е загадена и е потребно брзо прочистување, како и дотур на свежа вода, па потоа да се пориби. Тој потсети дека тие се должни како концесионери на рибниот фонд на езерото еднаш годишно да го порибат, што беше пракса од нивна страна во сите изминати години.
– Ние како концесионери со рибниот фонд имаме законска обврска еднаш годишно да го порибиме езерото, но годинава сме против порибување, бидејќи езерото „Младост“ е загадено. Воедно, рибите кои ни доаѓаат за порибување се од чиста вода, а ако ги порибиме во загадена вода со фекалии тие ќе изумрат – потенцира Наумовски.
Тој појасни дека неговата заложба до надлежниот Државен инспекторат е да се пролонгира порибувањето на езерото „Младост“ додека не се прочисти.
– И покрај извештаите од Хидробиолошкиот завод од Охрид испратени до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство во кое е наведено стручна анализа за лошата – катастрофална состојба со водата загадена со фекалии и без кислород, сепак инспекторите ни наложија најдоцна до 15 јуни да извршиме порибување на езерото. Ние како концесионери тоа сме го правеле со години, но годинава сме против тоа, бидејќи ќе биде залудно. Ние не можеме да ги одржиме во живот и постојните риби во езерото, а не пак да порибиме и други, бидејќи езерото е загадено, па рибите ќе изумрат. Ние им доставивме и препораки од стручњаци за вода од Хидробиолошкиот завод, но во Државниот инспекторат засега се глуви на нашите молби – нагласи Наумовски.