Надлежните институции предупредуваат дека по стабилизирањето на состојбата со поплавите, следува нагло заладување. Се очекуваат ниска температура и нови снежни врнежи на повеќе места низ земјата. Постојат услови за појава на голомразица и замрзнати коловози, особено во утринските и во ноќните часови. Граѓаните се повикуваат на внимателно движење и на приспособување на сообраќајот кон зимските услови. Службите се во состојба на зголемена подготвеност и континуирано ја следат состојбата на терен
По неколкудневните обилни врнежи од дожд што предизвикаа поплави во повеќе делови од земјата, состојбата на терен постепено се стабилизира, но надлежните предупредуваат дека следува нов временски предизвик – силен студен бран со снег, ветер и ризик од голомразица низ цела Македонија. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во Битола ситуацијата е стабилна, освен во населбата Стрчин, каде што се евидентирани наноси од чакал и земја, и на терен интервенира една градежна машина на КЈП „Нискоградба“.
Во селата Кравари, Жабени, Породин и кај Елешка Река беа поплавени земјоделски површини.
– Во село Кравари се заезерени земјоделски површини од околу 10 до 20 хектари, без опасност по станбени и индустриски објекти, при што проблемот е предизвикан од затрупување на одводните канали. Во селата Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини од околу 70 до 80 хектари, а Елешка Река има излевање со поплавени околу 100 хектари земјоделско земјиште, при што ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација – соопштија од ЦУК.
Покрај земјоделско земјиште, во Ресен беа поплавени и дворови, куќи и магацини за јаболка. По излевање на Голема Река, кај повеќе мостови беше извршено пренасочување на сообраќајот, но водостојот се намалува и состојбата е нормализирана.
Во Општина Крушево, пак, било регистрирано зголемување на водостојот и локално излевање на реката Црна кај село Бучин, но реката, како што велат од ЦУК, е повлечена и во моментов не постои ризик од ново излевање. Во Општина Демир Хисар, пак, водата кај село Граиште била повлечена, патниот правец Бараково – Вардино е прооден, додека поради оштетен мост на Боишка Река, патот кон село Мренога е затворен за сообраќај.
Во Општина Прилеп немало пријавени штети и не се евидентирани поплавувања, додека во Општина Кривогаштани имало локално излевање на Крушевска Река со поплавени неколку ниви, но без материјална штета. Во Општина Долнени била пријавена штета од еден жител во село Лажани со поплавен двор и приземни простории, како и оштетување на тутунот, а поплавувања биле евидентирани во село Пешталево, при што било интервенирано со градежна механизација.
Состојбата на територијата на Општина Охрид е исто така стабилна и немало прелевање на реките, а останати биле само мал број поплавени подрумски простории каде што се вршело испумпување на водата. Во Општина Кичево се бележи намалување на водостојот на реките Зајашка и Треска и постепено повлекување на водата. Екипите на ТППЕ Кичево и ЈП „Комуналец“ интервенираат со испумпување на водата и расчистување на каналите. Евакуираните 120 лица сè уште се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што се обезбедени здравствена заштита, топол оброк, лекови и хигиенски услови.
Во Полошкиот Регион немало поголеми нарушувања на редовната состојба поврзани со обилните врнежи, при што патот кон месноста Бањиче бил исчистен, но сообраќајот е забранет од безбедносни причини.
– Патот кон село Ѓермо е прооден, а патот кон село Бродец е делумно прооден со интервенции за расчистување во тек. Во Општина Желино е пријавено излевање на реката Вардар во село Стримница, каде што е испратена механизација и состојбата континуирано се следи – наведуваат од ЦУК.
Во Вардарскиот Регион и на подрачјата на Куманово, Липково, Струмица и Крива Паланка, состојбата е нормализирана, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е редовно. Водостојот на реката Вардар кај Велес е зголемен и речното корито во централното градско подрачје е речиси исполнето, но без ризик од излевање кон станбени објекти, при што се препорачува зголемена внимателност при движење покрај реката.
Дожд, снег и ризик од голомразица
Според УХМР, во следните денови се очекува продор на екстремно студен воздушен бран од север, кој ќе донесе формирање на секундарен циклон и врнежи од дожд и снег, особено на планините и повисоките места. Поради студен воздух при тлото и потопол во повисоките слоеви, може да се појави и голомразица.
Ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен, југозападен и северен правец, со брзина до над 60 км/х. Од ноќта меѓу сабота и недела врнежите ќе преминат исклучиво во снег, со формирање на снежна покривка и во пониските места. На планините се очекува снежна покривка од нови 30 до 40 сантиметри.
(А. П.)












