Водата е ресурс повреден од злато, но со него се однесуваме недомаќински. Секоја година растат количините на чиста вода што ја користиме, но и ја загадуваме и како таква влегува во нашите водотеци, реки и езера, кои, пак, ги користиме за наводнување на земјоделските површини. Тој затворен круг потоа ни се враќа на нашите трпези преку зеленчукот и овошјето, чиј квалитет е под прашалник. Потрошувачката на вода и натаму расте, што укажува на тоа дека ќе се зголемува и количината на комунална вода, а оттука и потребата за пречистителни станици за секој град. Во Македонија, само 16 града имаат пречистителни станици, но немаат Скопје, Велес, Кавадарци…

 

Сведоци на сме на секаков вид долгогодишни, несанкционирани, па и законски овозможени злоупотреби на водите, а се соочуваме со климатска криза чии последици веќе ги чувствуваме. Оттука, заштитата на водата како ресурс повреден од злато е императив, но бројките што ги обелодени вчера Државниот завод за статистика го кажуваат токму спротивното.

Така, количеството отпадни води во минатата година било за 12 % поголемо во однос на претходната година. Уште попоразителен е фактот што од вкупното количество испуштени отпадни води лани, само 24,5 % биле пречистени, а непречистени биле 75,5 %, кои завршиле во нашите водотеци и реки, во езерата. А ако се знае дека се користат дел од овие загадени води за наводнување на земјоделските површини, тогаш прашање е со каков квалитет се зеленчукот, овошјето и сѐ друго што се одгледува, а завршува на нашите трпези.

Сите досегашни студии за реките и речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, особено со пестициди и фекалии од комуналната вода, а некои и со тешки метали. Ова особено беше нагласено по хаваријата во рудникот „Тораница“, на 14 март годинава, кога се излеа сива маса во Крива Река, слична на бетон, која настана затоа што над цевката што пукна во кругот на рудникот се чувал осиромашен олово – цинков концентрат што водата го повлече и го однесе во реката, која од чиста планинска вода по текот потемни со темносива боја. Тоа создаде вознемиреност и паника меѓу граѓаните на Крива Паланка и околните населени места.

Ден по хаваријата, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, повика акредитирана лабораторија (скопската „Технолаб“) да земе примероци од водата во Крива Река за да утврди евентуално присуство на отрови. Тој тогаш, видно вознемирен, обелоденувајќи ги резултатите, посочи дека во водата во Крива Река имало цијанид, но и десеткратно зголемување на концентрациите на олово над граничните вредности и зголемени концентрации на други тешки метали.

Потоа следуваа хаотични анализи за загаденоста на водата, освен Општината, анализи правеа и рибарите и самиот концесионер на рудникот, но резултатите не можеа да се споредат бидејќи беа земени во различно време и на различни локации, но сите потврдија дека квалитетот на водата е од петта категорија, што значи дека не смее да се употребува за ниту една намена. Според мислењето на експертите, доколку се потврди дека има какви било концентрации на олово и на цинк во водата, тоа е исклучително опасно загадување.

Ова е само последен голем случај на загадување на водите на Крива Река, која се влева во Брегалница, а таа – во нашата најголема и најдолга река, Вардар. Во изминативе години, имаше неколку случаи на загадувања на водите на Брегалница, потоа имаше и во Струмица, но сите завршуваа само со плаќање еколошка казна. 

Во Македонија, водите генерално се загадени од комуналните води што се влеваат во канализацијата, а оттаму директно во реките, кои се полнат со фекални бактерии. Статистичките податоци кажуваат дека минатата година, преку јавените водоводи, биле испорачани и искористени 306 649.000 кубни метри вода, што е за 4,6 % повеќе во однос на 2023 година.

Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои потрошиле 69 % од вкупната испорачана вода од јавниот водовод. Просечната потрошувачка на вода на домаќинствата лани изнесувала 12,92 кубни метри месечно. Во 2023 година, просечната потрошувачка изнесувала 12,25 кубни метри.

Овие податоци покажуваат дека потрошувачката на вода и натаму расте, што укажува на тоа дека и количината на комунална вода ќе се зголемува, а оттука и потребата за пречистителни станици за секој град. Во Македонија, само 16 града имаат пречистителни станици, но немаат Скопје, Велес, Кавадарци…

Во таа насока, министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, по повод одбележувањето на една година од формирањето на Владата, напомена дека во урбаната животна средина се преземени значајни чекори во однос на третманот на отпадните води.

– Во Скопје се гради еден од најголемите и најважни проекти на деценијата во оваа област, станица за пречистување на отпадните води. Во Битола почна изградбата на нова станица, додека во Тетово, Штип, Велес, Виница и во Кочани се во тек тендерските постапки за изградба или обнова на постојните системи – истакна Меџити.

Тој потсети дека во текот на 2024 година почнала имплементацијата на најголемиот инфраструктурен проект во овој сектор – подобрување и реновирање на системот за водоснабдување и канализација во 80 општини во земјата, со финансиска поддршка од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка.

–  Овој проект претставува долгорочна структурна интервенција со директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на животот и заштитата на водните ресурси – рече Меџити.

Иницијатива: Регулаторна да ја утврдува цената на водата

Се крчка иницијатива Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да ја утврдува цената на водата. За ова решение постои согласност и кај јавните комунални претпријатија кои стопанисуваат со водата во земјава и кај Регулаторната комисија. Иницијативата наскоро ќе биде ставена на хартија и ќе може да почне постапката за измена на законите за утврдување на цени на водни услуги, а другиот е Законот за локална самоуправа.

Претседателот на Регулаторната комисја, Марко Бислимоски вели дека потребна е само политичка волја. Според сегашната регулатива, одлуката за цената на водата ја утврдуваат општинските совети, но ова решение се покажа непрактично бидејќи претпријатијата одат во була поради загубите на вода предизвикани од дотраената инфраструктура, а немаат пари за инвестициски проекти. 

Според годишниот извештај на РКЕ за 2024 година, околу 64 отсто од водата во земјава е изгубена, а загубите постојано растат. Во тригодишниот план, РКЕ наведе дека цеелат кон тоа загубите да се намалуваат по еден процент секоја година, иако ќе биде тешко тоа да се оствари.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ