Во Охридското Езеро се потонати седум брода во Првата светска војна, чии остатоци сè уште се кријат на дното од езерото, во близина на Струга.
– Регистрирани се повеќе бротчиња (конечниот број треба да се потврди, а се смета дека се седум), од кои еден претставува влекач што служел за влечење на другите бродови, слично на композиција од вагони. Бродовите биле користени за транспорт на стока и материјали по Охридското Езеро, што укажува на нивната значајна економска и логистичка улога во минатото – раскажува подводниот археолог Никола Паскали од „Акватек“ за весникот ВЕЧЕР.
До денес не се преземени обиди за извлекување на бротчињата од езерото, што, според Паскали, е целосно оправдано и препорачливо од аспект на заштита на културното наследство. Тој смета дека со соодветна промоција, едукација и заштита, ваквите подводни локалитети имаат потенцијал да станат одржлив туристички ресурс

Во Охридското Езеро се потонати седум брода во Првата светска војна, чии остатоци сè уште се кријат на дното од езерото ,во близина на Струга. Потонатите бродови ги истражува и документира Центарот за нуркање „Акватек“, од каде што истакнуваат дека не е точно утврден бројот.
– Потонатите бротчиња во Охридското Езеро, во близина на градот Струга, претставуваат значајно подводно културно-историско наследство. Тие биле откриени од струшки нуркачи, во 80-тите години од минатиот век, при рекреативно и истражувачко нуркање во овој дел од езерото – вели подводниот археолог Никола Паскали од „Акватек“ за весникот ВЕЧЕР.

Бротчињата биле намерно потопени, иако точните причини и начинот на нивното потопување сè уште не се целосно разјаснети. Се претпоставува дека биле потопени од безбедносни или од стратешки причини, со цел да не паднат во рацете на противничките сили.
Локацијата каде што се потопени се наоѓа на приближно 1.000 метри од струшкиот брег, на длабочина од пет до седум метри, што, според Паскали, ја прави релативно пристапна и безбедна за рекреативно и за истражувачко нуркање.

– Регистрирани се повеќе бротчиња (конечниот број треба да се потврди, а се смета дека се седум), од кои еден претставува влекач што служел за влечење на другите бродови, слично на композиција од вагони. Бродовите биле користени за транспорт на стока и материјали по Охридското Езеро, што укажува на нивната значајна економска и логистичка улога во минатото – раскажува Паскали.
Според зачуваните податоци и ознаки, бротчињата биле произведени во 1887 година, од компанијата „Bolzano, Tedesco&Co“, што дополнително ја зголемува нивната историска и техничка вредност.
Активности на „Акватек“ на локацијата Бротчиња
Паскали посочува дека нуркачкиот клуб „Акватек“ со години е активен на оваа локација, преку реализација на бројни нуркачки акции, истражувања и фото-видеодокументации. Вели дека во активностите учествувале искусни нуркачи, како и истражувачи и археолози заинтересирани за подводното културно наследство.

– Локацијата претставува и значајна туристичка атракција, каде што „Акватек“организира едукативни и рекреативни нуркачки тури за домашните и за странските посетители. Преку објавување фотографии, видеа и едукативни содржини на социјалните мрежи и во медиумите, се придонесува за поголема видливост на оваа подводна знаменитост, која сè уште е недоволно позната и кај пошироката јавност и кај локалното население – вели Паскали.
До денес не се преземени обиди за извлекување на бротчињата од езерото, што, според Паскали, е целосно оправдано и препорачливо од аспект на заштита на културното наследство.
– Напротив, нивното зачувување in sity овозможува автентично доживување и долгорочна заштита. Како такви, бротчињата претставуваат исклучително атрактивна локација за подводен туризам, која придонесува за збогатување на туристичката понуда на Охридскиот Регион. Воедно, тие претставуваат вредна културно-историска знаменитост, која ја раскажува приказната за економскиот, технолошкиот и за социјалниот развој на регионот – нагласува Паскали.

Тој смета дека со соодветна промоција, едукација и заштита, ваквите подводни локалитети имаат потенцијал да станат одржлив туристички ресурс, кој ќе ја зголеми јавната свест за значењето на зачувувањето на подводното културно наследство и ќе придонесе за долгорочен развој на културниот ина авантуристичкиот туризам во Охрид.
Во Охридското Езеро има многу пловни објекти што се стари, дотраени и се закотвени. Кон крајот на 2017 година беше извлечено бротчето „Мис Стон“ од водата во Студенчишкиот Канал. Во септември 2009 година беше изваден од езерските води и потонатиот брод „Илинден“. Во таа бродска несреќа се удавија 15-мина патници. Бродот беше одвлечкан во Студенчишкиот Канал како нем сведок на трагедијата.
Светлана БЛАЖЕВСКА












