Вода в уши поради казните за минување на пешачки со слушалки

38

Санкциите од новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата не ги остави рамнодушни ни пешаците и велосипедистите, ниту возачите. Секој се наоѓа погоден, но и нерамноправен во санкционирањето.

Групата скопски велосипедисти „На точак“ реагира на казните за пешаци, велосипедисти и возачи на електрични тротинети доколку користат слушалки или електронски уреди во сообраќај. Тие сметаат дека со ова решение се нарушува принципот на еднаков третман и дека пешаците и велосипедистите се ставени во позиција на поголема одговорност од возачите на моторни возила.

Според нив, казните се поставени наопаку: за велосипедист со слушалки глобата изнесува 50 евра, без исклучок. За пешак кој користи мобилен уред глобата е 40 евра, исто така без исклучок. За возач на автомобил, пак, глобата за користење телефон е 40 евра, но само ако се докаже дека ја загрозил безбедноста во сообраќај – што, како што велат, значи дека треба да се случи несреќа за да има казна.

– Во случајот на возачите, ниту е забрането користење слушалки ниту полицаец може тукутака да ги начека и да ги казни. Ова е спротивно дури и на принципот на еднаква одговорност кој го промовираат традиционалните политики за безбедност, а камоли на современите пристапи кои ја мерат пропорционално штетата што може да ја предизвика секој учесник во сообраќајот – се наведува во реакцијата на групата скопски велосипедисти. Од здружението предлагаат преиспитување на казнените одредби и воведување пропорционални казни: 20 евра за пешаци наместо 40, 40 евра за велосипедисти наместо 50 и 60 евра за возачи на моторни возила наместо сегашните 40. Овој предлог тие го испратиле и во отворено писмо до МВР, но не добиле одговор.

Од МВР, за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, меѓу кои: пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и да преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека ги преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента. Возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови – децидни се од МВР.

Притоа, потсетуваат дека возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалиле стабилноста и можноста за реагирање и сигурноста во управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.

– Ова подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието. Целта на ваквите законски измени е создавање услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи –нагласуваат од МВР.

Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи безбедноста на патиштата е заедничка одговорност, на сите нас. Во периодот од 26.09 до 28.09.2025 од страна на полициски службеници од СВР Скопје издадени се 58 опомени за граѓаните кои ги прекршиле нови законски одредби.

–Со санкции кон граѓаните ќе се започне кога тие веќе ќе бидат запознаени со новите измени во законот – заклучуваат од МВР.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ