Советникот во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков информира дека уште две животни починале во Скопската зоолошка градина. Станува збор за две лами кои угинале пред пет дена.

– Нашата, Скопската Зоолошка е една хорор приказна изминативе 3,5 години. Пред 4 или 5 дена починале две Лами за кои неофицијално се раскажува дека подолго време појавувале симптоми на туберколоза, а пред само нешто повеќе од 1 месец исто така починаа две лами за кои се знаело дека наводно боледуваат од истата болест – туберкулоза – напиша Кирков во фејсбук статус.

Тој посочува дека зо Скопје ЗОО се случува вистински хаос, од страна на екс директорот во сенка, Кристијан Стаменов и сегашниот Зоран Попов. Кирков посочува дека двајцата им наредиле на вработените да не се говори и да не се објавува за смртта на овие лами.

– До таму идат што и покрај законската обврска да ја известат АХВ, тие тоа не го прават за што АХВ дознаа од мене – истакна Кирков.

Тој вели дека неколку дена предходно вработените имале голем притисок и мобинг од горенаведените да влегуваат во живеалиштата на ламите без никаква ХТЗ или заштитна опрема, за што реагирале дека се небезбедни од причина што сомнежот за туберколоза и симптомите биле видливи. Додека, пак,  овие животни не биле дислоцирани во изолација и под ризик биле изложени сите посетители ако знаеме дека туберкулозата е пренослива преку непосредна близина со заболенито животно.

– За ова како и за се предходно што се случува во Скопје -Зоо некој мора да поднесе одговорност и да одговара – потенцира Кирков и побара друштвата за заштита на животни да го испитаат случајот со угинувањето.

Во Зоолошката градина во април годинава исто така угина лама која беше лекувана во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина. Обдукцијата кај оваа лама покажа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми.

– Во соработка и советување со Агенцијата за храна и ветерина, беа направени туберкулински тестови на сите лами и секојдневно ја следиме нивната ситуација и се под медицински надзор. Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка – објавија тогаш од Зоолошката градина.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ