Во Женева кирија се плаќа со помалку од третина од платата, во Лисабон киријата е за 16 проценти повисока од платата

560

Во некои европски градови, киријата за еднособен стан во центарот може да ја „изеде“ целата плата. „Еуроњуз бизнис“ објави анализа на најновиот глобален извештај „Мапирање на светските цени“, кој ги споредува нето месечните плати и кириите во 69 града низ целиот свет, вклучувајќи 28 европски метрополи.

Во 2025 година, во Европа највисоки плати се регистрирани во Женева и во Цирих – над 7.000 евра. На дното се Истанбул (855 евра) и Атина (1.044 евра).

Кириите за еднособни станови во градските центри драстично варираат. Во Европа, Лондон води со 2.732 евра месечно, додека најниската кирија е во Атина (595 евра). Во Цирих, Даблин, Амстердам и во Женева кириите надминуваат 2.000 евра, додека во Истанбул и во Будимпешта се под 900 евра.

Но, она што го покажува вистинскиот стандард е тоа дали платата ја покрива киријата. Во Лисабон, просечната плата не ја покрива киријата за 16 проценти, додека во Истанбул за еден процент. Ситуацијата е сериозна и во Лондон, каде што 75 проценти од платата одат за кирија, како и во Барселона и Мадрид (74 %), Милано (71 %), Рим (65 %), Даблин (62 %), Атина (57 %), Варшава (56 %), Прага (54 %) и Будимпешта (52 %). Единствен европски град со сооднос кирија-плата под 30 % е Женева, а следуваат Луксембург и Франкфурт со 34 %, Цирих и Хелсинки со 35 % и Виена со 38 %.

Во Њујорк, 81 отсто од платата оди на кирија, што е највисок сооднос во САД. Тоа не значи дека се ниски кириите. Во Њујорк, изнајмувањето еднособен стан месечно чини 3.792 евра.

ИЗДВОЕНИ