Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека е во завршна фаза изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром, која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот.
Тој наведе дека реконструкцијата опфаќа поставување нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Притоа, нагласи дека во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица – најави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што, како што кажа, скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град.
–Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно. Од оваа недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица – истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот – вели Ѓорѓиевски.












