Според резултатите, просечна концентрација на ПМ 10 честичките била 10,9  микрограми на кубен метар, а максималната измерена вредност во тој период била 25,6 микрограми на кубен метар. Моментална вредност била 16,5 микрограми на кубен метар. – Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно со уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух – нагласуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање  и додаваат ќе продолжат со редовното следење на квалитетот на воздухот и со навремено информирање на јавноста за состојбата

 

Нема загадување на воздухот со ПМ10-честички во селото Трубарево, каде што минатата недела се запали и изгоре склад за пластичен и за електронски отпад. Ова го покажуваат податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање од индикативните мерења извршени во периодот од 17.9.2025 (9:30 часот) до 18.9.2025 (9:30 часот), на суспендирани цврсти честички со големина до 10 микрометри (PM₁₀), на мерното место во зоната на Трубарево.

Според резултатите, просечна концентрација била 10,9  микрограми на кубен метар, а максималната измерена вредност во тој период била 25,6 микрограми на кубен метар. Моментална вредност била 16,5 микрограми на кубен метар.

– Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно со уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух – нагласуваат од Министерството и додаваат ќе продолжат со редовното следење на квалитетот на воздухот и со навремено информирање на јавноста за состојбата.

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарите во Трубарево и во „Дрисла“ се ставени под контрола. Оттаму  информираат дека денеска до 12:00 часот, на територијата на државата, имало вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои три биле активни, исто толку под контрола, а шест биле изгаснати.

Активни се пожарите во селото Виниче во Општина Гази Баба, во местото викано Муратица, каде што гори нискостеблеста шума, потоа на Кожуф Планина – кај селото Петрово во Општина Гевгелија, каде што гори букова шума и во Старо Балдовци (Тополи) во Општина Босилово.

Под контрола, освен пожарите во Трубарево и на депонијата „Дрисла“,  е ставен и пожарот на депонијата „Острец“ во Општина Делчево.

Изгаснати се пожарите во селото Вражале во Општина Зелениково, на улицата „Хаџи Јован Шишко“ во Општина Шуто Оризари, на градската депонија во Општина Крушево, во селото Другово во Општина Кичево, во селото Љубодраг во Општина Куманово и во селата Долно и Горно  Тогерци во Оштина Карбинци.

Инаку, партиите и натаму продолжуваат со меѓусебните обвинувања за состојбите и загадувањето на воздухот по серијата пожари во депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, кои предизвикаа загадување на воздухот во Скопје. Заменик- претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во телевизиска дебата, обвини дека власта, во неспособност да се справи со проблемите, измислува домашни и надворешни непријатели.

 – Надлежните луѓе што ги водат ресорите, немаат капацитет. Треба да сносат одговорност и треба итно да се преземат мерки – рече Каранфилова-Пановска.

Пратеникот и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, пак, истакна дека пожарите не се случајност, со оглед на тоа што директорот на „Дрисла“ е од ДУИ и смета дека овие намерно предизвикани пожари се со цел да се предизвикаат страв и паника кај граѓаните и одредени поединци да постигнат политички ефект.

– Сметам дека ваквото дејствување има елементи на субверзија да се предизвика несигурност кај граѓаните, да се предизвика страв, паника, да се одвлече вниманието од надлежните институции, кои се ангажирани во борбата против криминалот, да се дефокусира, да се насочат ресурсите на друга страна и, на крајот на краиштата, да се постигне некој политички ефект – рече Милошоски.

Тој посочи дека се очекува наскоро да биде оформен предмет за пожарите, а доколку и во иднина има сторители на подметнати пожари, тие ќе бидат санкционирани и ќе одговараат за своето дело.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ