Во ВИП-салата „Ванчо Чавдарски“ гала-концерт на Драган Мијалковски

142

Оваа сабота, во Малешевијата, во ВИП-салата „Ванчо Чавдарски“, пејачот продолжува да ја прославува 60-годишната кариера!

Македонската забавно-музичка легенда, Драган Мијалковски, продолжува да ја одбележува својата долгогодишна успешна присутност на естрадата. Овој пат со голем славенички концерт кој во сабота на 25 октомври ќе се одржи во неодамна отворенaта ВИП-сала, „Ванчо Чавдарски“ од 19.00. Во историското Владимирово, малото питомо место, на само неколку километри до големото Берово. Со тоа местото полека, но сигурно стана културен бисер на Малешевијата.

Овој концерт кој има значење за македонската музика ќе се случува најмногу благодарејќи му на познатиот македонски музичар Горан Алачки. Впрочем, Горан и Драган имаат и голем заеднички хит, македонски музички бисер, „Дојди ми Лено на перниче бело“, со кој како тандем убедливо победија на „Валандовскиот фолк-фест“. На концертот, покрај оваа песна, Мијалковски ќе ги пее и незаборавните: „На 223-305“, „Кажи ми, кажи“, “Поета“, „Ти си ми се“, „Оди си, друг да те сака“, „Фортуна“, „Моја малечка гулабице“, „Гитаро моја“, „Кажи нешто драга, макар и лага“,„Убава си како музика“, „На разделба“, „Те љубам“…. Пејачот соработуваше и со други значајни композитори:Тодор Бојаџиев, Ванчо Димитров, Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Драган Ѓаконовски-Шпато, Кире Костов, Димитар Масевски, Зденко Руњиќ.

Драган ќе има и специјални гости на концертот, но тие засега се држат во тајност за да биде изненадувањето вистинско изненадување. Но, еден од гостите се издвојува како по прилично омилен лик кој со децении ја забавува публиката со своите хумористични настапи. Да се стрпиме, да уживаме и во песната и во смеата. Влезниците за концертот, сè по симболична цена.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ