„Куќа на порцеланот“ е насловот на изложбата на уметникот Филип Фидановски, која ќе се отвори на 10 ноември, во 20:00 часот, во фоајето на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. На изложбата ќе бидат претставени скулптури и инсталации во простор.

– Во контекст на современата македонска уметничка сцена, „Куќа на порцеланот“ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде што фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво. Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде што документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла. „Куќа на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија, истакнува кураторот Јасминка Намичева за изложбата.
Истата вечер, претходно, во 19 часот, во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, Фидановски ќе ја претстави и изложбата насловена „Порцеланови луѓе“ – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – Титов Велес 1954 – 2003. Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски.

– На изложбата, преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес бидејќи таа претставува не само индустриски туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите уметници – Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и др., кои во периодот од 1955 г. до крајот на 1990-тите биле дел од декорното, односно, од 1971 година, дизајнерско одделение на фабриката. Постоењето на „луѓе кои паметат“ нам ни овозможи да ја реализираме целта – да се погрижиме да ги зачуваме името и меморијата за фабриката и за луѓето што го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеja, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не заборавме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност, се посочува во најавата за изложбата.
Филип Фидановски (роден 1977, Скопје) е современ уметник, керамичар со повеќе од три децении активна работа во областа на уметноста, образованието и културниот развој. Делата на Фидановски се претставени на повеќе од триесет самостојни изложби во Македонија и во странство, како и на бројни групни и жирирани изложби, меѓу кои биеналето во Белград и поставки во Каиро, Лиеж, Париз, Прага и Братислава. Има добиено бројни награди, меѓу кои: наградата за скулптура на ДЛУМ (2018), „Константин Мазев“ за мал формат (2018), „Димо Тодоровски“ за скулптура во мал формат (2015), „Јордан Грабул“ за скулптура (2007) и бронзената плакета на Интернационалното биенале за керамика во Каиро (2000). Неговиот опус вклучува керамика, скулптура, експериментален цртеж и мултимедијални инсталации.











