Заедно со членовите на Здружението „Стрит воркаут“ и спортски ентузијасти, Општина Аеродром официјално го пушти во употреба првиот професионален парк за калистеника во земјава кој се наоѓа покрај булевар „Србија“, во близина на бензинската станица „Лукоил“.
– Со тоа го означивме почетокот на ново поглавје за спортот и здравиот начин на живот во нашиот Аеродром. Паркот ќе биде место каде секој ќе може да тренира, да се дружи и да гради здрави навики – соопштија од локалната самоуправа.
Мултифункционалниот фитнес-комплекс KANAK K-030, всушност, претставува систем на справи од светски реномираната марка „Кенгуру ПРО“, наменети за калистеника и за вежбање на отворено, како и за организирање меѓународни натпревари.
Справите се поставени со цврсти алуминиумски стеги со ТУВ-сертифициран квалитет, што гарантира безбедност и долг рок на употреба.
Изградбата на овој парк почна на почетокот на август годинава.












