Во училиштата во Виена има повеќе муслимани од христијани

63

Во основните и средните училишта во главнинот град на Астрија, Виена, децата од исламска вероисповед сега ја сочинуваат најголемата религиозна група. На ова укажуваат податоците на градската власт за изминатата учебна година. Ова повторно ја отвори дебатата за интеграцијата, споделените вредности и улогата на училиштата во мултикултурно општество, објавува „Дер Стандард“

Во училиштата 41,2 проценти од учениците се муслимани, а 34,5 проценти се христијани. Според податоците од канцеларијата на шефицата на градското образование на Виена, Бетина Емерлинг (либерална партија Неос), во училиштата што ги посетуваат околу 112.600 деца – од основни и средни до полутехнички и училишта за деца со посебни потреби – 41,2 проценти од учениците се идентификуваат како муслимани. Ова е зголемување во споредба со претходната година, кога имало 39,4 проценти.

Христијаните сега заедно сочинуваат 34,5 проценти од учениците, од кои 17,5 проценти се римокатолици, а 14,5 проценти се православни. Околу 23 проценти од децата немаат никаква верска припадност, а малцинските групи вклучуваат будисти (0,2 проценти), Евреи (0,1 процент) и други религии (0,9 проценти).

Емерлинг ја поздрави религиозната и културната разновидност на Виена, нагласувајќи дека градот го поттикнува дијалогот меѓу заедниците. Но, таа исто така предупреди на резултатите од истражувањата што покажуваат дека младите муслимани во Виена се во просек порелигиозни и посклони кон изразување дискриминаторски ставови.

-Никој во Виена не треба да го базира својот начин на живот на фундаменталистичко толкување на религиозни текстови што е непријателски настроено кон жените, малцинствата, државата или демократијата, изјави таа за австриската новинска агенција АПА, пренесува „Дер Стандард“.

Додаде дека антисемитизмот, непријателството кон ЛГБТИК луѓето и отпорот кон родовата еднаквост се почести кај младите муслимани.

Како одговор на овие предизвици, Емерлинг предлага воведување на нов задолжителен предмет во училиштето, „Живот во демократија“, кој би почнал во основно училиште. Целта, вели таа, е сите деца – без оглед на религијата или потеклото – да учат заедно за човечкото достоинство, демократските вредности и меѓусебното почитување. Дебатата за новиот предмет одразува поширока тензија во Австрија и другите европски земји – како да се усогласи верската слобода со подготовката на младите луѓе за живот во разновидни и сè повеќе мултикултурни демократски општества.

ИЗДВОЕНИ