Од локацијата каде што избувна пожарот во компанијата „Ф-Групација“ во Трубарево и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Поради тоа, на самото место сè уште е стационирана и противпожарна екипа. Ова го констатираа јавен обвинител и екипи на МВР, кои денеска извршија увид на местото по настанатиот пожар, за да утврдат кои биле причините за тој да избувне. Од ОЈО соопштија дека се презеле увидни дејства како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Воедно, било извршено фотографирање и снимање на локацијата со беспилотно летало. Оттаму, додаваат дека увидните дејства на теренот се отежнати поради затрупувањето на локацијата од безбедносни причини. – По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата – информираа од ОЈО, нагласувајќи дека Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејства за целосно испитување на настанот

 

Од локацијата каде што избувна пожарот во компанијата „Ф-Групација“ во Трубарево и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Поради тоа, на самото место сè уште е стационирана и противпожарна екипа. Ова го констатираа јавен обвинител и екипи на МВР кои денеска извршија увид на местото по настанатиот пожар, за да утврдат кои биле причините за тој да избувне.

УВИДНИТЕ ДЕЈСТВА ОТЕЖНАТИ  ПОРАДИ ЗАТРУПУВАЊЕ НА ЛОКАЦИЈАТА

Од Основното јавно обвинителство соопштија дека се презеле увидни дејства како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Воедно, било извршено фотографирање и снимање на локацијата со беспилотно летало.

Оттаму, додаваат дека увидните дејства на теренот се отежнати поради затрупувањето на локацијата од безбедносни причини.

– По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата – информираа  од ОЈО, нагласувајќи дека Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејства за целосно испитување на настанот.

По наредба на јавниот обвинител, како што беше информирано, екипи на СВР Скопје и завчера излегоа на самото место со цел преземање дејства и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животна средина со отпад.

НОВИ 48 ЧАСА ПРИТВОР ЗА ЧЕТИРИТЕ ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО

Воедно, нови 48 часа притвор им е одреден на четирите лица опфатени во постапката во врска со пожарот што во саботата избувна во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево.

Од Кривичниот суд велат дека притворот е на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје. Претходно, на 15 септември, Кривичниот суд одреди краткотраен притвор од 48 часа за четири лица што претходната вечер во врска со пожарот беа спроведени во судот.

Четирите лица се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно за загрозување на животната средина и природата со отпад.

Според Обвинителството, станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пожарите во Трубарево и во „Вардариште“ се веќе под контрола, додека денеска ќе се заврши дозатрупувањето и на депонијата „Дрисла“.

– Тоа го прави опозицијата. Мисли дека со таа стратегија ќе добие политички поени и поддршка. Јас коментирав, и да е точно, тогаш се поставува вистинското прашање што прават тие за да помогнат во процесот, не прават ништо туку се занимаваат со некрофилија. Немаат програма, немаат визија, немаат идеја – изјави Мицкоски.

НЕМА ОТСТАПУВАЊЕ ОД РЕФЕРЕНТНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ИСПИТАНИТЕ 16 ТЕШКИ МЕТАЛИ ВО ПОЧВАТА

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги објави новите резултати од вонредните анализи спроведени по големиот пожар. Според испитувањата на земените примероци од вода, не е утврдена радиоактивност. Нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата.

Како што информира ИЈЗ, се забележува зголемување на два параметра, Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место – површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии, но тоа е во рамки на очекувањата. Во сите останатите места немало отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали.

Од ИЈЗ соопштија дека биле земени мостри од повеќе локации од засегнатото подрачје за испитување на тешки метали во почва.

Институтот за јавно здравје изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје и во неделата беа земени примероци, мостри од страна на професионален експертски тим од ИЈЗ за испитување на радиоактивност во водата, почвата и воздухот како и примероци за испитување на тешки метали во почва, земја и испитување на тешки метали во вода. ИЈЗ извести дека според резултатите и направените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, исто така не е утврдено присуство на тешки метали во вода. Вчера, ИЈЗ ги заврши анализите и испитувањата на примероците на тешки метали во почвата, како и испитувањата за радиоактивност во вода.

Од ИЈЗ нагласија дека анализите се направени во најкус можен рок и дека истите ќе бидат повторувани според предвидените протоколи.

Од Центарот за управување со кризи, денеска, исто така информираа дека пожарите во Трубарево и на депонијата „Дрисла“ се под контрола.

Инаку, на територијата на целата држава денеска до пладне биле регистрирани седум пожари на отворен простор, од кои три биле активни, додека два сe изгаснати.

Од ЦУК соопштија дека активни се пожарите во селото Виниче, место викано Муратица, на територијата на Општина Гази Баба, каде гори нискостеблеста шума, на планината Кожуф кај селото Петрово, во Општина Гевгелија, каде гори букова шума и во селото Вражале на територијата на Општина Зелениково, каде горат борови насади.

Изгаснати биле пожарите во населбата Идризово кај „Пилко“, на територијата на Општина Гази Баба и во селото Сопот, во Општина Свети Николе.

 „Стоп за ’’Вардариште’“: Излези на блокада, цело Скопје дише ист воздух

И додека секојдневно се чекаат резултатите за тоа каква е загаденоста од пожарите, аеродромци ја продолжуваат блокадата на раскрсницата кај мостот „Близнак“ и паркот „Авионче“,  секој ден од 18 до 19 часот, како што велат, сѐ додека не се реши целосно загадувањето во Скопје.

– Скопје со денови се дави во отрови. Не е само „Вардариште“ – и „Дрисла“ се вклучи во ова труење. Чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ целиот град. Вакво загадување од масовни размери – досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров. Затоа борбата мора да биде заедничка. Излези на блокада. Барај одговорност – истакнуваат од иницијативата „Стоп за ’Вардариште’“.

Тие ги повторија своите барања: итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата, континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења, поставување ограда околу целата депонија и камери, вклучително термални на повеќе точки низ „Вардариште“ кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7, итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата „Вардариште“, согласно со еколошките стандарди, формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста, како целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

Повторно активиран пожарот во Никуштак

Од Центарот за управување со кризи вчера соопштија дека повторно е активиран пожарот во липковското село Никуштак. Овој пожар беше активен минатата недела.

– Повторно има пожар. Екипите на кумановската подружницана јавното претпријатие „Национални шуми“ се на терен – потврди заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.

Минатата недела речиси постојано имаше пожар на оваа локација. Беше зафатена нискостеблеста, деградирана, но и дабова шума на тешко пристапен терен.

Во гасењето на пожарот, покрај екипите на „Национални шуми“, беа вклучени и хеликоптер и авиони кои интервенираа од воздух.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ