Шест странски компании се во трка за поставување интелигентни транспортни системи на Коридорот 10. Од Министерството за транспорт велат дека се разгледуваат понудите, а фирмата што ќе биде избрана ќе треба да постави ИТС-систем на 200 километри патишта (автопатот А1, Коридорот 10 од ГП Табановце до ГП Богородица) до крајот на 2027 година.

Следењето, надзорот и управувањето на сообраќајот,  мобилноста на сите државни патишта и обезбедувањето информации за корисниците на коридорите во врска со состојбата на патиштата, сообраќајот и патувањата ќе ги врши Националниот центар за управување со сообраќај. Тендерската постапка за реконструкција и адаптација на објектот на Националниот центар за управување со сообраќајот во Петровец треба да започне во јуни годинава, а работите да се завршат до крајот на август 2027 година.

– Обезбедивме инвестициски грант во износ од 13,5 милиони евра, кој треба да се спроведува во рамките на програмата за безбеден и одржлив транспорт.  Во тек е евалуација за избор за изведувач за поставување ИТС по должина на автопатот А1 (Е75) – Коридор 10. Во однос на овој проект, се доставени понуди од шест кредибилни странски компании. Завршена е евалуацијата за избор на надзор на поставувањето ИТС автопатот А1 (Е75) – Коридор 10 – велат за МИА од Министерството за транспорт.

Целата мрежа на државните патишта е поделена на пет региони и ќе биде сервисирана од соодветен стручен кадар. Исто така, од Националниот центар ќе управуваат со сите тунели во државата подолги од 500 метри.

Имплементацијата на ИТС на Коридорот 10 во должина од 172 километри, вклучувајќи го и делот од Коридорот 8 (делниците Миладиновци – Хиподром и Хиподром – Петровец, во должина од 25 километри), опфаќа поставување неколку напредни системи и опрема. Ќе се поставуваат светлосна сигнализација: неколку вида знаци со променливи пораки и знаци со динамички приказ на информациите; автоматски метеоролошки станици; опрема за снимање, обработка и анализа на видеоподатоците: видеокамери, дистрибутивен систем, автоматски систем за видеодетекција на инцидентите: сопрено возило, сообраќајна незгода, пешаци, итн., систем за анализа на брзината на возилата, броење и класификација на возилата, мерење на висината на возилата, систем за видеоуправување; уреди за контрола и управување на опремата и локалната комуникациска мрежа; потпорни конструкции (челични конструкции за опремата за знаци со променливи пораки, камери и метеоролошки станици).

Паралелно со активностите кај нас, се имплементираат интелигентни транспортни системи на Коридорот 10 и во Република Србија, во рамките на истиот проект на Светска банка. Со тоа, примената на делот од ГП Табановце до ГП Богородица ќе биде надополнување и продолжување на ИТС за сите корисници на тој коридор.

ИЗДВОЕНИ