Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава, вчера попладнето во одредени делови предизвикаа проблеми. Според Центарот за управување со кризи, регистрирани се поплави во Гостивар и во Тетово
Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава, вчера попладнето во одредени делови предизвикаа проблеми. Според Центарот за управување со кризи, регистрирани се поплави во Гостивар и Тетово.
Оттаму информираат дека во Тетово, едно патничко возило заглавило во подвозник поради насобрана вода од интензивните врнежи. Возачот навреме го напуштил автомобилот и не бил повреден.
– Пријавата за настанот е добиена преку бројот за итни повици Е-112, а се работи за подвозникот во населбата Дарданија, во близина на полигонот. На самото место интервенирале екипи на СВР Тетово и ТППЕ Тетово, со две противпожарни возила и четворица пожарникари – нагласуваат од ЦУК.
Од ЦУК апелираат до граѓаните за претпазливост и советуваат да ги користат алтернативните улици во населбата Дарданија додека трае расчистувањето и нормализирањето на состојбата.
Поради обилните врнежи од дожд од дистрибутивната мрежа биле исклучени двата водоснабдителни системи, поради што дошло до заматување на водата во Тетово. Во неделата имало целодневен прекин во водоснабдувањето,. Од јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово препорачаа водата да не се пие и да се користи само за хигиена и чистење.
Според информациите од Јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово, прво во неделата, во утринските часови била исклучена новата водоводна линија која носи количини од планинските реки во реонот на Лешница поради преголема заматеност и неможноста да се пречисти во филтер станицата кај Лисец. Во текот на попладнето бил прекинат и доводот со вода од стариот водоснабдителен систем од изворите на Попова Шапка, исто така поради заматеност.
– Се замолуваат граѓаните водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи. Ќе се извршат анализи, по што граѓаните ќе бидат веднаш информирани за резултатите и квалитетот на водата – информираа од ЈП „Шар“ Тетово.
Според информациите на директорот Ваљон Зеќири, поради заматената вода, три пати се празнел и се чистел резервоарот кој се полни со вода од стариот водоснабдителен систем со вода од изворите околу Попова Шапка. На реонот на Попова Шапка биле измерени рекордни 55 литри вода на квадратен метар, додека во Тетово 32 литри.
Во Гостивар, пак, на улицата „18 Ноември“, биле затнати пет шахти кои претставуваат потенцијален ризик од поплавување на неколку куќи во близина.
Според временската прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите од дожд ќе продолжат и денеска. Времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Во Скопје, времето утре ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Веќе од среда се очекува дождовите да престанат, но се очекува намалување на температурата, минималната ќе се движи од -4 до 4 Целзиусови степени, додека максималната од 14 до 20 Целзиусови степени.
На автопатот Скопје – Велес, по патарина Сопот, пред тунелите на Башино Село, поради одрон на левата коловозна лента сообраќајот одредено време вчера се одвиваше по десната коловозна лента, но по расчистувањето, сообраќајот се нормализира.
Од АМСМ информираа дека во меѓувреме на истото место се случиле две сообраќајни несреќи со материјална штета, за среќа, немало повредени.
(А. П.)












