Конзервативниот коментатор Чарли Кирк, кој беше влијателен сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, беше застрелан на митинг на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута, во средата, по што почина во болница. Потрагата по атентатор е во тек.
Според официјалните извештаи, атентаторот веројатно пукал од покрив кон Чарли Кирк од голема далечина додека тој држел говор на Универзитетот во Јута пред околу 3.000 луѓе.
Кирк (31) беше водечки глас меѓу младите поддржувачи на Доналд Трамп и имаше милиони следбеници на социјалните медиуми.
Директорот на ФБИ Каш Пател прво извести дека осомничениот за пукањето во кое беше убиен конзервативниот активист Чарли Кирк е уапсен, но неколку часа подоцна објави дека приведениот е пуштен по испрашувањето.
Во видео порака објавена на социјалните мрежи, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е „исполнет со тага и лутина поради гнасниот атентат врз Чарли Кирк“.
– Чарли инспирираше милиони и вечерва сите што го познаваа и го сакаа се обединети во шок и ужас. Чарли е патриот кој му го посвети својот живот на целта на отворената дебата и на земјата што толку ја сака, Соединетите Американски Држави, наведе Трамп.
– Тој е пример на вистината и слободата, и никогаш не постоел некој кого младите толку го почитувале. Чарли беше, исто така, човек на длабока, длабока вера. И нè теши сознанието дека сега е во мир со Бог на небото, рече Трамп, додавајќи дека го замолил Бог да внимава на сопругата и децата на Кирк „во овој страшен час на болка. Ова е мрачен момент за Америка, додаде тој.
Трамп најави дека неговата администрација „ќе го најде секој од оние што придонеле за овој злостор и за другото политичко насилство“. Трамп напомена дека „радикално-левичарското политичко насилство повредило премногу невини луѓе“.
Тој потсети и на обидот за атентат врз него и убиството на Брајан Томпсон, извршниот директор на ЈунајтедХелткер, минатата година.
Ова е опасен момент во Америка
Видливо лут и вознемирен, Доналд Трамп го опиша Чарли Кирк како маченик за вистината и слободата, оддавајќи му почит на човекот кого го сметал не само за близок пријател, туку и за некој што одиграл значајна улога во неговиот реизбор и обликувањето на движењето MAGA.
Трамп директно ја обвини радикалната левичарска политика за придонес кон ова злосторство и другите неодамнешни насилни политички напади. Имено, тој не ги спомена неодамнешните убиства и насилни напади врз демократите. Многу високи политичари, и демократи и републиканци, одговорија велејќи дека овој вид насилство нема место во американската демократија.
Но, постои и широко распространета и бесна реакција меѓу следбениците на Трамп и Кирк кои бараат одмазда. Ова изгледа како опасен момент во Америка, пишува Би-Би-Си.