четврток, јануари 22, 2026
Дома СВЕТ Во суровата зима, без струја и гас, Украинците му пркосат на студот...

Во суровата зима, без струја и гас, Украинците му пркосат на студот спиејќи заедно со кучињата

40

Оваа зима беше исклучително тешка за милиони Украинци, кои страдаат од ретко видени и масовни прекини на електричната енергија, предизвикани од немилосрдните и целни руски напади со беспилотни летала и ракети, кои сериозно ја оштетија инфраструктурата за греење и за електрична енергија низ целата земја, наведува РСЕ во својата најнова репортажа од Украина. Најмалите добиваат храна во градинките, но училиштата ќе бидат затворени до февруари. На улиците на Киев, хуманитарна организација дели топол оброк за жителите

 

Во станот на Дарија е толку студено што кучето почнало да спие со неа, додека таа загрева градежни тули на шпоретот на гас.

– Дома морам да носам топла облека и да спијам во неа: воена термо долна облека, два пара планинарски чорапи, ќебе. Карпатски ќебиња, топол чај – вели таа за Радио слободна Европа (РСЕ), мислејќи на  познатите тешки ќебиња произведени во планините на западна Украина.

Оваа зима беше исклучително тешка за милиони Украинци, кои страдаат од ретко видени и масовни прекини на електричната енергија, предизвикани од немилосрдните и целни руски напади со беспилотни летала и ракети, кои сериозно ја оштетија инфраструктурата за греење и за електрична енергија низ целата земја, наведува РСЕ во својата најнова репортажа од Украина.

Најмалку од 9 јануари, кога беше регистриран најтешкиот руски напад во новата година, интервентните служби се обидуваат да го следат обемот на уништувањето предизвикано од руските напади. Трафостаниците се оштетени. Далноводите се срушени. Цевките за греење и за топла вода пукнати. Постројките се затворени.

Со ноќни температури што паднаа под минус 13 Целзиусови степени на 20 јануари, повеќе од еден милион луѓе останаа во темнина, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски, по најновиот бран напади со речиси 300 беспилотни летала и ракети. Еден ден подоцна, речиси 60 проценти од главниот град сè уште беше без електрична енергија.

– Ова е сериозна зима. Ова е вистинска зима. Многу е тешко да се пробие низ земјата, низ асфалтот, низ сè – многу е потешко – вели работник во комунална служба што работел со екипа за ископување на замрзнатата земја пред зграда во Киев.

Спиењето со кучиња во кревет е еден од начините за соочување со студот. Истото важи и за градежните тули што луѓето како Дарија ги загреваат на шпоретите на гас, а потоа ги ставаат на маса, каде што зрачат топлина одреден временски период, дури и кога ќе снема струја.

Дарија, која не сакала да го каже своето презиме, вели дека нејзиниот дом бил без греење една недела пред да се вратат електричната енергија и греењето. Потоа повторно ги снемало. Денот пред тоа, во станот имало само два Целзиусови степени.

– Првите неколку дена тука беше едноставно невозможно – изјави таа за „Карент тајм“, обраќајќи му се на своето куче што `ржеше: „Се согласувам целосно со тебе. Ни мене не ми се допадна“.

Според градоначалникот Виталиј Кличко, поголемиот дел од киевската населба Лев Брег, на источната страна од реката Днепар, бил без електрична енергија и вода на 20 јануари. Низ целиот град, градските власти поставиле привремени шатори за итно греење, кои емитуваат црвеникава светлина во затемнетите дворови откако ќе се стемни. Во текот на денот, волонтери од „Ворлд централ китчен“, меѓународна хуманитарна организација со седиште во Вашингтон, им делеа супа од говедско месо и компири на луѓето што чекаа во ред.

– Живееме во повеќекатна зграда и нема електрична енергија. Ако нема електрична енергија, печките не може да работат и нема греење. А, како се загрева храна кога нема електрична енергија? Но, во ред е, се справуваме. Во ред е, не се жалиме – се справуваме. И разбираме дека се води војна: мора да издржиме, мора да преживееме – рече пензионерката Валентина Кирјакова додека чекаше во ред за топол оброк, кој ѝ го однесе дома на својата шестгодишна внука.

Катја Прокопенко, која, исто така, стоеше во ред за топол оброк, рече дека поради прекинот на електрична енергија немала начин да подготви храна на електричниот шпорет.

– Децата одат во градинка и, фала му на Бога, таму добиваат оброци. А, кога е викенд, еве нè – рече таа, насмевнувајќи се додека стоеше во редот за храна.

На училиштата во украинскиот главен град им е наредено да останат затворени до февруари. Градските власти, исто така, наредија да се затемни уличното осветлување во градот за да се заштеди електрична енергија.

Киев не е единственото место што претрпи последици. Во руските напади загинаа три лица, а делови од Запорожје, кое ја пресекува линијата на фронтот, останаа без електрична енергија. На северот од земјата, беше засегната и електричната мрежа што ги снабдува остатоците од нуклеарната централа „Чернобил“, ставајќи во опасност одредени системи за итни случаи, кои спречуваат да се запали оваа деактивирана електрана или да се појави ново испуштање на радијација.

ИЗДВОЕНИ