Словенечката влада во четврток усвои закон за исплата на зимски бонус на сите вработени, со кој се дефинира исплата на задолжителен божиќен бонус во декември во износ од 639 евра, без данок, а се очекува словенечкиот премиер Роберт Голоб во петок да се сретне со претставници на организациите на работодавачи, кои се вознемирени од најавата.
Во законот за исплата на зимскиот бонус, словенечката влада предлага воведување на задолжителен божиќен бонус во износ од половина од минималната плата, на кој нема да се плаќаат ниту даноци ниту придонеси. Оваа година, божиќниот бонус би се исплатил најдоцна до 18 декември, додека работодавачите со проблеми со ликвидноста би можеле да го исплатат божиќниот бонус со задоцнување, по модел на отпремнина, најдоцна до 31 март следната година.
Само оваа година, на компаниите во проблеми би им било дозволено да им исплатат на своите вработени божиќен бонус во износ од една осмина од минималната плата, односно 160 евра. Услов за ова би бил тие да не исплаќаат дивиденди и бонуси на менаџментот. Во јавниот сектор, пак, оваа година на сите ќе им биде исплатен зимски бонус од 639 евра, а Министерството за финансии мора да подготви план за исплата.
Се очекува премиерот Роберт Голоб во петок да се сретне со претставници на организациите на работодавачи, кои се вознемирени од најавата за задолжителен божиќен бонус. Работодавачите ја поздравија можноста за исплата на намален износ или негово одложување, но во исто време изразија желба за понатамошно приближување на ставовите.
„Драго ни е што тие излегуваат со вакви предлози и ги поздравуваме, но тие сè уште не се на нивоата што ги очекуваме“, изјави во четврток Митја Гореншчек, извршен директор на Словенечката стопанска комора. Се очекува тој да ги презентира своите скици на предлози пред премиерот на претстојниот состанок, а за словенечката телевизија изјави дека работодавачите првенствено сакаат божиќниот бонус да остане доброволен.