Во скопската ЗОО се роди елен лопатар со ретка кафеава боја

80

Од скопската Зоолошка градина пренесуваат радосна вест. Добија нов жител, кој, како што велат, им донел голема радост.

Станува збор за младенче женски елен лопатар со ретка кафеава боја.

Според зоолозите, единките прилично се разликуваат по бојата, при што постојат четири главни варијанти: обична, менилна (светлa), меланистична и леукистична. Најсветли се белите, потемни се обичните и менилните, додека меланистичните се многу темни, па дури и црни (лесно може да се смешаат со дамчестиот елен).

Најголемиот дел од стадата се состојат од обични единки, но неретко се среќаваат и менилни единки. Меланистичните единки се поретки, а белите најретки, освен новозеландските стада, кои имаат многу меланистични единки.

Само мажјаците имаат рогови, кои се шилести во првите две години, а потоа го добиваат карактеристичниот лопатест облик. Според исхраната, тие се тревопасни и претпочитаат мешани шуми и отворени тревести предели. Во сезоната на парење, мажјаците се расејуваат, а женките се движат меѓу нив. Ова е посебно однесување, кое не се јавува во остатокот од годината, кога единките настојуваат да бидат заедно во групи до 150 единки.

Ова се мошне брзи животни, кои развиваат брзина до 48 километри на час на кратки растојанија, но не се побрзи од многу свои сродници, како срната, поради послабата мускулатура. Може да скокнат 1,75 метри во височина и 5 метри во далечина.

 

ИЗДВОЕНИ