Во организација на Министерството за спорт како национален координатор, изминатиов викенд (31 мај и 1 јуни) на стадионот на АРМ во Градскиот Парк во Скопје, се одржа спортско-рекреативниот фестивал #БеАктиве. Овој настан е во рамките на Европската недела на спортот , инцијатива покрената од Европската комисија за промоција на спортот и физичката активност.

Проектот има за цел да ги поттикне граѓаните да се занимаваат со физичка активност, без разлика на возраста или физичката подготвеност како и да ги едуцира граѓаните за здравиот начин на живот.

На дводневниот спортско-рекреативен фестивал посветен на промоција на спортскиот дух, здравиот и активен начин на живот и вклучување на младите во спортските активности, граѓаните имаат можност да учествуваат во низа активности – од рекреативни игри, фитнес програми и здравствени совети до спортски предизвици и интеракција со професионални спортисти и тренери и петставници од националните спортски федерации.

-Заедно со децата, младите, спортистите и сите присутни граѓани уживавме во позитивна енергија, движење и спорт. Ги поддржуваме вистинските вредности – здрав живот, активна младина и заедништво преку спорт – изјави министерот за спорт, Борко Ристовски, кој активно учествуваше во настанот.

Свој придонес со присуство и поддршка на овој масовен спортско-рекреативен настан дадоа и претставниците на дипломатскиот кор – амбасадорот на Шпанија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери. На настанот присуствуваа и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, пратеникот Бојан Стојаноски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Без разлика дали сте активно вклучени во спортот или не, спортот создава средина во која сите се чувствуваат добредојдени и средина во која се промовираат вистински вредности. Со оваа порака, Министерството за спорт упати благодарност до сите учесници, поддржувачи и партнери на настанот, со најава дека и во иднина ќе продолжат активностите за поигнување на свеста за важноста на физичката активност и спортот во секојдневниот живот.

 

ИЗДВОЕНИ