Зеленилото во Европа дневно се губи со брзина од 600 фудбалски игралишта. Анализата на сателитските снимки покажува дека во периодот од 2018 до 2023 година зелените површини станале сиви, односно покриени со асфалт за патишта, тули и бетон за луксузни голф-терени и станбени комплекси.

Нема официјални податоци колку зеленило се губи годишно во Македонија, каде што е во тек голема градежна офанзива. На минатонеделниот настан „Градски решенија засновани врз природата – пат до одржлива иднина“, во организација на Институтот за комуникациски студии, беше посочен еден податок: дека има уште 15 проценти од површината на градот Скопје што може да се спасат, бидејќи другото е асфалт, бетон и пластика

 

Зеленилото во Европа дневно се губи со брзина од 600 фудбалски игралишта. Анализата на сателитските снимки покажува дека во периодот од 2018 до 2023 година зелените површини станале сиви, односно покриени со асфалт за патишта, тули и бетон за луксузни голф-терени и станбени комплекси. Ова е првпат исчезнувањето на зелените површини во Европа да се следи со сателитски снимки.

Нема официјални податоци колку зеленило се губи годишно во Македонија, каде што е во тек голема градежна офанзива. Се градат автопатишта, но и општински и локални патишта. За тие потреби, се врши експропријација на земјоделско земјиште, кое им се одзема на земјоделците за одреден надоместок.

Скопје, пак, е посебна приказна. На секоја слободна површина во градот никнуваат згради, не се води сметка за зеленилото. На минатонеделниот настан „Градски решенија засновани врз природата – пат до одржлива иднина“, во организација на Институтот за комуникациски студии, беше посочен еден податок: дека има уште 15 проценти од површината на градот Скопје што може да се спасат, бидејќи другото е асфалт, бетон и пластика.

МН:

Проектот „Green to grey“ (Од зелено до сиво) ги открива димензиите на губење на природата и на обработливото земјиште поради човечки интервенции. Како што пренесува „Гардијан“, Европа годишно губи околу 1.500 квадратни километри земјиште поради градба. Меѓу 2018 и 2023 година, исчезнале околу 9.000 квадратни километри површини, што одговара на големината на Кипар. Тоа е еквивалентно на речиси 30 квадратни километри неделно, односно 600 фудбалски игралишта дневно.

Најмногу се заменува земјоделското земјиште – околу 600 квадратни километри годишно, што ќе има сериозни последици за безбедноста на храната и за здравјето на континентот.

– Земјиштето загубено поради градба е еден од главните фактори за исчезнувањето на дивината и за намалувањето на биолошката разновидност. Но, губиме и ораници и продуктивно земјиште како што се шират нашите градови кон зелените појаси и земјоделските области. Најчестите видови градба, кои сочинуваат четвртина од сите случаи, се станбени објекти и патишта. Но, се уништуваат природата и обработливите површини и за да се обезбедат луксузни градби за богатите, за туризмот, за консумеризмот и за индустријата – потенцира Стив Карвер, професор за дивина на Универзитетот во Лидс.

Арена открива дека во Португалија биле уништени речиси 300 хектари заштитени песочни дини на плажата Гале кај Мелидес, која е на еден час јужно од Лисабон, за изградба на нов голф-терен во рамките на „Коста тера голф енд оушан клаб“. Таму ќе се продаваат недвижности за околу 5,6 милиони фунти. Комплексот, кој сè уште е во изградба, е второ живеалиште на принцезата Еуџинија и на нејзиниот сопруг Џек Бруксбанк, кој работи на проектот. Градбата се одвива на земјиште од мрежата Натура 2.000, кое требало да биде заштитено според регулативите на ЕУ. Се проценува дека на голф-теренот од 75 хектари ќе се трошат и до 800.000 литри вода дневно за одржување на тревниците.

Друг пример на губење зелена површина е мочуриштето Чалтилдере во областа Измир, Турција, на брегот од Егејското Море. Повеќе од еден квадратен километар од мочуриштето е затрупан со бетонски темели за марина за изградба и поправка на луксузни јахти. Официјално прогласено за мочуриште од страна на Турција, Чалтилдере било дом на фламинга, пеликани, корморани, оради и на луци. Исто така, служело како важен резервоар на јаглерод и како природна одбрана од поплави. Сателитските снимки покажуваат како исчезнало тоа важно одморалиште за птиците преселници под бетонските темели.

Турција со над 1.800 квадратни километри е на врвот од листата со земји што најмногу загубиле природа и земјоделско земјиште меѓу 2018 и 2023 година. На второто место е Полска со над 1.000 квадратни километри, следува Франција со 950, Германија со 720 и Обединетото Кралство со 604 квадратни километри.

 (С. Бл.)    

ИЗДВОЕНИ