Во скандалот со Британската пошта се самоубија 13 лица осудени за кражби и проневери, кои, всушност, ги направил компјутерот

139

 

Скандалот со Британската пошта од пред повеќе од една деценија, што се смета за една од најголемите грешки во правдата во модерната историја на Велика Британија, досега однесе најмалку 13 животи. Толку луѓе се самоубија, а уште други 59 размислувале да го направат тоа откако беа осудени за проневера, за подоцна да се открие дека се работи за компјутерска грешка.

Во скандалот со британската пошта речиси 1.000 вработени беа неправедно гонети и осудени за наводна проневера, иако, според извештај што го објави АП, а го пренесоа бројни медиуми, тие, всушност, биле жртви на грешка во компјутерскиот систем. Овие луѓе кои работеле во филијалите на Поштата неправдата ја доживеале во периодот од 1999 до 2015 година, кога ги осудиле за кражба, измама и лажно сметководство. Некои завршиле во затвор, некои банкротирале, некои, пак, ги изгубиле своите домови, здравјето, на други им се растуриле браковите или биле изолирани од своите заедници.

Пензионираниот судија Вин Вилијамс, кој ја води јавната истрага за скандалот, во извештајот наведува дека според тврдењата на семејствата, 13 лица се самоубиле поради неисправниот сметководствен систем на поштата, кој „покажувал фиктивни недостатоци во работењето на филијалите“. Иако поштата е во државна сопственост, таа работи како приватна компанија. Проблемите со нејзиниот систем биле познати со години, но обемот на неправдата стана јасен дури лани, кога телевизиска драма за случајот дојде на насловните страници и предизвика бран поддршка за жртвите.

Главниот виновник е софтверот „хорајзон“, развиен од јапонската компанија „Фуџицу“, кој Поштата го вовела во филијалите пред 25 години за автоматизирање на сметководството на продажбата. Кога системот покажал недостатоци, поштата ги обвинила менаџерите на филијалите за проневера и ги принудила да ги вратат парите. Сепак, во реалноста немало недостатоци, а дефицитите биле лажни. Тие лажни информации биле причина за гонење на околу 1.000 лица. Во меѓувреме, британската Влада донесе закон со кој се поништени пресудите и на жртвите им се ветува обесштетување.

Судијата Вилијамс вели дека некои високи поштенски службеници знаеле, или требало да знаат, дека Хорајзон е неисправен.

-Поштата ја одржуваше фикцијата дека нејзините податоци секогаш се точни, рече тој.

Џо Хамилтон, поранешен менаџер на филијала и еден од главните активисти, изјави дека извештајот го покажува обемот на ужасот на кој биле подложени. Претседателот на управаста на Поштата вети дека жртвите ќе добијат обештетување.

-Поштата не ги слушаше раководителите на филијалите и како организација ги изневеривме. Раководителите и нивните семејства страдаат со години. Им требаше предолго време да го исчистат своето име и да добијат правда, рече Најџел Рејлтон.

Ова е првиот извештај од истрагата што ја почна владата, која има овластување  да бара докази од сите вклучени страни. Се очекува продолжение, кое ќе се бави  со одговорноста за надзор на системот и со потенцијално именување на виновниците.

ИЗДВОЕНИ