Швајцарија бара работници, кои ги привлекува со високите плати, кои може да ги изненадат дури и искусните експерти. Сѐ повеќе луѓе размислуваат за преселување во оваа алпска земја во потрага за подобри услови за живеење и работа. Прашање што многумина ги интересира е колку може навистина да се заработи и во кои сектори се бараат работници.
Сѐ повеќе луѓе размислуваат за заминување во Швајцарија, што не е ни чудно, затоа што таа земја веќе со години е меѓу најпосакуваните дестинации за стабилно вработување и високи приходи. Моментално се бараат работници во бројни сектори, а се нудат атрактивни плати и брза постапка за вработување.
Според податоците што ги пренесува „Бизнис-инсајдер“, просечната годишна плата во Швајцарија за полно работно време изнесува околу 78.000 швајцарски франци, односно 83.000 евра бруто.
Продуктивноста на земјата е највисока меѓу државите во OECD, благодарение на високото ниво на образование и на квалификациите. Во финансискиот сектор, ИТ-индустријата, инженерството и медицината, платите може да достигнат и 90.000-140.000 евра годишно, со што Швајцарија е на врвот од европските земји по висина на платата.
Најмногу отворени работни места моментално има во здравството, угостителството, хотелиерството, градежништвото, логистиката. Особено се бараат физички работници, ИТ-експерти и квалификувани медицински сестри, а во многу од случаите вработувањето е можно веднаш. Најголема плата се исплаќа во големите господарски средишта.
Околу езерото Цирих се наоѓаат низа меѓународни компании, а во самиот Цирих со 420.000 жители се остваруваат половина од приходите од целиот швајцарски финансиски сектор.
Луцерн има моќен технолошки сектор со стартап компании, додека, пак, Женева е светско дипломатско средиште во кое се наоѓаат седиштето на ОН, Црвениот крст, над 430 невладини организации и околу 1.300 странски компании.
Поради тоа што не може да ги задоволи потребите на пазарот на работа исклучиво со домашната работна сила, Швајцарија се потпира и на квалификуваните имигранти.
Секоја трета компанија пријавува недостиг на работници, а меѓу големите компании, тој број се искачува. Поради тоа, платите се висококонкурентни. Цирих, Женева и Базел се вбројуваат во градовите со најмногу приходи на светот.
Швајцарија не е интересна само поради високоплатените експерти туку и поради речиси сите профили на работници.
– Најважно е доброто образование. Кој е подготвен да работи, може добро да заработи – вели Матијас Естерман, Германец што се преселил во Швајцарија пред 30 години.
Работната недела во Швајцарија трае од 38,5 до 42,5 часа, а правилата за работно време и паузи строго се почитуваат. Високите плати се следени од високите трошоци за живот, кирија, здравствена заштита и од секојдневните трошоци, кои се повисоки од Германија или од Полска.












