Шпанската полиција денес соопшти дека разбила меѓународна мрежа составена главно од кинески и сириски државјани обвинети за перење пари преку неформалниот систем за трансфер на пари познат како „хавала“, пренесува Бета.
Вкупно 17 лица беа уапсени во јануари како дел од операцијата. Според „Европол“, кој учествуваше во операцијата, 15 беа уапсени во Шпанија, а другите две во Австрија и Белгија.
Шверцерите, обвинети за перење пари и припадност на криминална организација, „се главно од кинеска и сириска националност“, се вели во соопштението на европската агенција.
Според шпанската полиција, тие испрале вкупно 19 милиони евра помеѓу јуни 2022 и септември 2024 година.
За време на нивното апсење, запленети се 205.000 евра во готово, 183.000 евра во криптовалути, 18 возила, недвижен имот и шверцувани цигари во вредност од над 600.000 евра наменети за Кина.
Истрагата започна со демонтирање на мрежа на шверцери на мигранти, главно Сиријци, помеѓу Алжир и Шпанија.
Мрежата имала две различни гранки – една од арапско потекло која примала пари од целиот свет и гранка од кинеско потекло која снабдувала пари во Шпанија во замена за криптовалути, соопшти шпанската полиција.
„Хавала“ е древен систем на финансиска компензација базиран на доверба, особено популарен меѓу работниците мигранти кои испраќаат пари до своите семејства. Потешко е да се проследи од банкарските трансфери и понекогаш е вмешан во финансирање на тероризам.