четврток, февруари 26, 2026
Дома СВЕТ Во сенка на денешните преговори во Женева: Иран се обидува да им...

Во сенка на денешните преговори во Женева: Иран се обидува да им понуди богатство на САД во замена за својата нуклеарна програма

72
epa12777682 Police officers stand guard as the US delegation arrives at the Oman ambassador's residency, where the indirect nuclear talks between the United States and Iran are taking place in Geneva, Switzerland, 26 February 2026. EPA/MARTIAL TREZZINI

Иран се обидува да му понуди финансиски стимулации на американскиот претседател, Доналд Трамп, во обид да постигне договор за својата нуклеарна програма и да спречи напад од САД, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на свои извори.

Според еден извор цитиран во извештајот, Исламската Република ќе се повика на „склоноста кон склучување договори“ на Трамп и ќе им понуди „богатство“ или извор на богатство на Соединетите Американски Држави, вклучувајќи инвестиции во нејзините големи нафтени и гасни индустрии.

– Таквата понуда би била конкретно насочена кон Трамп, големо економско богатство во правата за нафта, гас и рударство, критичните минерали и сето тоа – изјави извор за „Фајненшл тајмс“.

Американски функционер рече за весникот дека Американците сè уште не добиле економски предлог од Иран.

– Тоа никогаш не било дискутирано. Американскиот претседател, Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека Иран не може да има нуклеарно оружје или капацитет да го изгради – рече функционерот.

Друг извор вели дека Иран извлекува лекции од ситуацијата во Венецуела, каде што САД побараа пристап до огромните нафтени резерви на земјата откако го заробија нејзиниот претседател во ноќен напад, минатиот месец.

Новата, трета по ред рунда преговори меѓу САД и Иран почна вчера, во Женева, со медијација на Оман. На средбата учествуваа специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, советник и зет на Трамп, од американска и министерот за надворешни работи, Абас Аракчи, од иранска страна, а според иранското Министерство за надворешни работи, може да се приклучи и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, Рафаел Гроси. На маса пред нив е деталниот предлог на Иран за нуклеарен договор. Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал Бусаиди, потврдувајќи дека почнале разговорите, рече дека двете страни изразиле „невидена отвореност кон нови и креативни идеи и решенија“.

Пред разговорите, високи американски претставници се обидоа да извршат притисок врз Иран, тврдејќи дека работи на обнова на својата програма за нуклеарно оружје по кратката размена на оган со Израел минатото лето, која беше прекината со голем американски напад врз три од клучните нуклеарни објекти на Иран кратко пред да се постигне примирје. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио во средата тврдеа дека Иран ги обновува и проширува своите балистички ракетни и нуклеарни програми и претставува голема закана за американските интереси. Претходно, во своето обраќање во Конгресот за состојбата на нацијата, Трамп тврдеше дека Иран „наскоро“ ќе има способност да го нападне копното на САД. Исто така, Трамп постојано предупредува дека ќе употреби воена сила доколку не се најде дипломатско решение.

Како што објави „Дојче веле“, преговарачите вчера пристигнале на местото на одржување на состанокот под засилени безбедносни мерки откако на претходните преговори минатата недела, Иранци во егзил фрлаа предмети кон иранската колона.

Четврточните преговори во Женева доаѓаат во време кога продолжува американското воено засилување на Блискиот Исток, а наскоро и по големите јавни немири во Исламската Република, кои беа во својот зенит минатиот месец, но кои оттогаш продолжуваат во многу помал обем.

Во тек се преговори за нуклеарната програма на Иран.

ИЗДВОЕНИ