Канцеларијата за буџет на Белата куќа денес објави дека започнале масовни отпуштања на федерални службеници, зголемувајќи го притисокот врз демократите да ја прекинат блокадата на владиното финансирање, објавува „Асошиејтед Прес“.
Директорот на Канцеларијата за управување и буџет, Расел Вотел, објави на социјалната мрежа X дека започнале „намалувања на работната сила“, додека портпаролот на Канцеларијата рече дека намалувањата се „значајни“, но не даде детали.
Белата куќа ги објави големите отпуштања непосредно пред почетокот на затворањето на владата на 1 октомври, кое започна затоа што републиканците и демократите не можеа да се договорат за буџетот. На федералните агенции им е кажано да достават планови за намалување на бројот на вработени до Канцеларијата за буџет на преглед, пренесе „Бета“.
Републиканците во Сенатот постојано се обидуваа да ги убедат демократите да гласаат за закон за привремено враќање на работата. Тие одбија, бидејќи инсистираат на зачувување на сегашниот национален план за здравствено осигурување.
Немаше знаци дека врвните демократски и републикански лидери во Сенатот воопшто разговараат за начин за решавање на ќорсокакот. Наместо тоа, лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, продолжи да врши притисок врз дел од демократите кои можеби се подготвени да попуштат.