Фрагмент од ракета го оштети конзуларниот дел на полската амбасада во украинскиот главен град Киев денес за време на голем руски воздушен напад, објави полската ТВП Ворлд.
Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Павел Вронски, потврди дека зградата е погодена и нагласи дека никој не е повреден.
„Фрагмент од ракета го оштети покривот, истиот оној што беше реновиран по претходен таков напад. Загубите се мали, но нивната проценка сè уште е во тек“, рече тој, додавајќи дека никој не е повреден во рускиот напад и дека работата на амбасадата не е нарушена.
Претходно, Вронски рече дека зградата изгледа била погодена од „проектил од мал калибар“ или дел од него.
„Предметот го пробил покривот и паднал во кујната на зградата“, додаде тој.
Конзуларниот дел на полската амбасада се наоѓа во посебна зграда, на околу половина километар од главната зграда на амбасадата.
Сикорски го повика Трамп да ги врати „снабдувањата со противвоздушна муниција за Украина и да воведе нови строги санкции врз агресорот“.
„Путин се потсмева на вашите мировни напори“, му рече полскиот министер за надворешни работи на Трамп додека ракетите го погодија полскиот конзулат. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија денес лансирала речиси 500 борбени беспилотни летала во земјата во 12-часовен напад.
Најмалку четири лица беа убиени, вклучувајќи и 12-годишно девојче, а околу 40 беа повредени во рускиот напад врз Киев и Запорожје во текот на ноќта.