Веќе една недела во шпанскиот фудбал се води отворен вербален конфликт, кој секој ден станува сè поинтензивен, а во центарот на вниманието е најтрофејниот клуб на денешницата, тимот на Реал Мадрид.

Сè започна со традиционалната новогодишна здравица на Флорентино Перез, во која претседателот на Реал Мадрид речиси половина од својот говор го посвети на темата судење. Перез стави посебен акцент на случајот „Негреира“, но и на, како што тврди, специфични судиски одлуки кои директно му наштетија на Реал Мадрид оваа сезона.

Веднаш следниот ден, Барселона одговори. Претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта, не ја пропушти можноста да се пошегува со својот најголем ривал, користејќи го терминот „акутен барселонитис“, алудирајќи на фактот дека Реал Мадрид ги оправдува своите лоши резултати со теории на заговор.

По размената на отровни стрели меѓу двата најголеми шпански клуба, во целата приказна се вклучи и претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас.

Тебас, личност која не им се допаѓа и на Каталонците и на „кралевите“ од различни причини, во интервју за каталонскиот весник „Спорт“ изрази став што дополнително ја разгоре ситуацијата.

Според него, Реал Мадрид е единствениот клуб кој активно создава непотребни тензии во шпанскиот фудбал.

  • Тензиите во овој случај не ги генерира Барселона. Ниту другите клубови. Реал Мадрид е оној што е против сè… Против Барселона, против судиите, против сите. Мислам дека она што го прават е погрешно, дека не го избрале вистинскиот пат. Нивниот наратив не помага никому, порача Тебас.

Тебас верува дека начинот на кој Реал Мадрид ги поврзува денешните судиски грешки со настани од минатото е особено опасен.

  • Наративот е дека она што се случува денес, со некои судиски грешки, е последица и вина на она што се случи во 2019 или 2017 година. Тие се обидуваат да создадат наратив дека судиите моментално се под некаков вид влијание. Тоа е многу опасно бидејќи не е вистина, додаде првиот човек на Ла Лига.

Претседателот на Ла Лига нагласува дека токму таков дискурс произведува постојани тензии.

  • Тие го создадоа тој наратив и тензијата произлегува од него, смета Тебас.

Тебас потоа повторно се осврна на случајот „Негреиро“, јасно одвојувајќи го тој процес од сегашните судиски одлуки.

  • Сите веќе го знаат моето мислење за случајот Негреиро. Не велам дека постапките на Барселона во тоа време, или поточно. луѓето на директорски позиции, во никој случај не се проблематични, вели Тебас.

Тој додаде дека Ла Лига била првата што реагирала.

  • Ние бевме првите што отидовме во канцеларијата на јавниот обвинител, првите што кажавме дека мора да се спроведе истрага и дека, доколку е потребно, треба да се воведат санкции на спортската сцена, истакна претседателот на Ла Лига.

Сепак, Тебас смета дека е крајно неодговорно да се поврзуваат денешните судиски грешки со тој случај.

  • Денес, да се каже дека промашен пенал за Реал Мадрид на фудбалски натпревар е последица на тоа? Па, тоа е огромна разлика. Ова генерира тензија во текот на целиот викенд преку клупската телевизија на Реал Мадрид, преку претседателот на Реал Мадрид пред неколку дена… Мислам дека целосно го изгубија контактот со реалноста, заврши Тебас.

Неговите зборови дополнително го продлабочија јазот меѓу Реал Мадрид, Барселона и раководството на Ла Лига, и јасно е дека конфликтите во шпанскиот фудбал сè уште не се завршени.

 

ИЗДВОЕНИ