Корисниците на мобилната телефонија во Македонија – 2.205.467 на број – оствариле разговори од 1,3 милијарди минути. Пресметано во поголемите мерни временски единици, тоа би значело дека во разговор на мобилен телефон се минати приближно 21.660.284 часа, околу 902.511 дена, 29.645 месеци. Или тоа се разговори што зафаќаат речиси 2.470 години!
Податоците на Агенцијата за електронски комуникации се однесуваат на периодот заклучно со третиот минатогодишен квартал. Притоа, во вкупната претплатничка база има 833.089 резиденцијални припеид претплатници, 1.024.072 резиденцијални постпеид и 248.306 деловни постпеид претплатници.
Според операторите, распределбата на претплатниците е сконцентрирана кај „А1 Македонија“ со 47,41 отсто и кај „Македонски телеком“ со 46,68 отсто. Уделот на М ТЕЛ е 4,55 проценти, на „Телекабел“ 1,27, а „Грин мобил“ 0,10 проценти.
Што се однесува до приходите од малопродажбата на мобилните услуги, „Македонски телеком“ остварил 49,49 насто, „А1 Македонија“ 48,58 насто, М ТЕЛ 0,93 насто, „Телекабел“ 0,79 насто и „Грин мобил“ 0,11 насто.
Искористувањето на Интернет преку мобилна мрежа (2G/3G/4G), исто така, е значајно: во третиот квартал пристап до Интернет имале 1.781.697 претплатници.
Во фиксната телефонија, пак, заклучно со третиот квартал од 2025 година, имало 459.643 линии. Преку нив биле остварени 13.538.044 минути разговор. А, уделот на операторите е: „Македонски телеком“ 51,68 проценти, „А1 Македонија“ 43,34, „Телекабел“ 3,17, „Неотел“ 1,26 и „Актон“ 0,55 проценти.












