Пет новинари, вклучувајќи го и главниот уредник на рускиот онлајн медиум „База“, беа уапсени денес како дел од истрагата за протекување на полициски информации, објавија руските агенции.
Каналот „Телеграм“ е еден од најпопуларните во Русија, со повеќе од 1,6 милиони следбеници. Основан во 2019 година, познат е по објавување ексклузивни информации, наводно добиени преку добри врски со полицијата.
База утрово објави дека редакцијата била претресена и дека полицијата го посетила домот на главниот уредник, Глеб Трифонов, кој оттогаш не е виден, како и на други новинари кои биле присутни во канцеларијата.
Според адвокатот, Алексеј Михалчик, цитиран од државната новинска агенција РИА Новости, полицијата запленила документи и компјутери и уапсила вкупно пет лица, од кои двајца подоцна биле ослободени.
Рускиот истражен комитет, кој се занимава со големи кривични случаи, објави дека започнува истрага за „злоупотреба на службената должност од страна на полицајци“, кои наводно „нелегално пренесувале ограничени информации“ кои потоа биле „објавени на еден од каналите на „Телеграм“.
Комитетот не го именуваше конкретниот „Телеграм“ канал.
„Како дел од овој кривичен случај, беа извршени претреси во Москва, Краснодарската и Краснојарската територија, како и во регионот Белгород“, соопшти Истражниот комитет.
Според извор од „ТАСС“, истрагата го вклучува и медиумската куќа „База“.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк, изјави дека се уапсени неколку полицајци.
Руските власти со години го зголемуваат притисокот врз независните и странските медиуми што работат во земјата, интензивирајќи го своето дејствување против дисидентските гласови од почетокот на офанзивата против Украина во февруари 2022 година.
Многу новинари беа принудени да ја напуштат земјата за да продолжат со својата работа, додека други беа уапсени, а медиумите беа затворени.