Во „Јавна соба“, во саботата и неделата се одржа саемот на еколошки бизниси во рамки на фестивалот „Скопје дизајн вик 2025“ (Skopje design week 2025).
– По успешното прво издание во 2023 година, Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Јес фор лес“ (Yes for less) повторно ја обедини македонската екозаедница на вториот Саем на еколошки бизниси во „Јавна соба“ (Public room), Скопје. Настанот е дел од „Скопје дизајн вик 2025“ (Skopje design week 2025), што се одржа под мотото „Циркуларен начин на размислување“, појаснуваат од организацијата.
На саемот беа претставени природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други екоалтернативи за секојдневна употреба.
– Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии – се нагласува во соопштението.
Организаторите додаваат дека „Скопје дизајн вик 2025“ и оваа година се позиционира како креативна платформа што ги поврзува дизајнот, модата, музиката, гастрономијата и одржливиот бизнис, промовирајќи иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој.
– Во рамки на второто издание на саемот, посетителите имаа можност да запознаат и да поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени – наведуваат организаторите.
Учесниците се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, што им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место.
Покрај изложбениот дел, „Јес фор лес“ имаше две тематски работилници во рамки на „Скопје дизајн вик 2025“– „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“, „Екосела за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот „Кутмичевица“ од Вевчани – семеен етнопансион што ги спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
Настанот е поддржан од „Грин ленд груп“, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.
Саемот беше бесплатен за сите посетители.












