Театарот „Војдан Чернодрински“ ја подготвува претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, а чија премиера се очекува во текот на овој месец.
Во претставата играат Александар Степанулески, Димигар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Александар Тодески, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Сара Спиркоска и Михајло Миленкоски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф е Марија Пупучевска, музиката е на Горан Трајковски.
Режисерот Дејан Пројковски за претставата посочи дека „Црнила“ ќе го истражува моралниот пад на човекот, братоубиството и предавството во македонската револуционерна борба.
Централен настан е убиството на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од неговите соработници во 1921 година во Софија. Претставата ќе се занимава со трагедијата на македонското самоуништување и мрачните страници од националната историја, со ликови кои се морални престапници и кои работат против својот народ.
„Биполарно обликуваните ликови ќе го потенцираат егзистенцијалниот апсурд на човекот оставен во светот без да ја знае смислата на своето постоење. Ликовите се поделени според степенот на предавство, главен предавник е Луков, Орце е трагичен лик – мамка на сопствената егзистенција, Фезлиев е нашето грдо лице погледнато во огледалото“, вели Пројковски. Тој додаде дека во претставата ќе се акцентира историскиот и политички контекст, но и егзистенцијалниот апсурд и длабоката осуда на човечкиот пад и предавството на сопствениот народ. „Просторот ќе биде метафора на историска раскрсница, всушност, домот на Христови е местото каде што се подготвува заговорот каде што реализмот ќе станува апсурд. Сценографијата треба да ја рефлектира мрачната, тензична атмосфера на времето и настаните, со симболични елементи кои ја нагласуваат тежината на темата и апсурдот на времето. „Црнила“ е национална драма која преку историскиот настан на убиството на Ѓорче Петров ги истражува и ги осудува темната страна на македонската историја, предавството и човечкиот пад. Црнила е тема која секоја театарска генерација треба да ја преиспитува и да ја работи како вивисекција на времето што го живееме“, истакнува Пројковски.
Претставата е дел од годишната програма за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.












