„На 5 Мај 2025 ја прославуваме 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик, која не беше само изнуден лингвистички чин, туку чин на самопотврдување на националниот и на културниот идентитет на македонскиот народ, со што му се овозможи на македонскиот збор да стане порамноправен со сите светски јазици – и во книжевноста, и во науката, и во секојдневниот живот“, вели за весникот ВЕЧЕР, проф. д-р Славица Велева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Директорката на новоформираниот Инспекторат за македонски јазик, Менче Андреева, пак, истакнува дека состојбата на стандардниот македонски јазик во јавната сфера, во моментов, не е на високо ниво. „Секој од нас, во моментов, треба да тргне од себе и да се запраша дали правилно го употребува македонскиот стандарден јазик на своето работно место, доколку работи во некоја јавна институција или медиум и што треба да промени“, вели Андреева
„Годинава ја прославуваме 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик, која не беше само изнуден лингвистички чин, туку чин на самопотврдување на националниот и на културниот идентитет на македонскиот народ, со што му се овозможи на македонскиот збор да стане порамноправен со сите светски јазици – и во книжевноста, и во науката, и во секојдневниот живот“, вели за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Славица Велева од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во пресрет на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. На овој ден во 1945 година, Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на владата, одржана на 16 април 2019 година.
За (не)правилната употреба на стандардниот македонски јазик во јавната сфера, Велева вели дека иако во изминатите осум децении македонскиот јазик се развива, се збогатува и се среќава во сите сфери на употреба, во последно време, како последица на глобалните процеси и брзиот развој на технологијата, сведоци сме на сè почеста употреба на туѓи зборови и конструкции, особено во медиумите и во јавната комуникација што доведува до потиснување на изворниот израз и на јазичните норми.

„Во тој контекст, повеќепати се употребува изразот дека ‘македонскиот јазик е загрозен’, што воопшто не одговара на вистинската состојба. Македонскиот јазик како систем е мошне функционален, со голем системски потенцијал и со изразни средства кои може да ги задоволат сите сфери на неговата употреба. Проблемот е во говорителите на македонскиот јазик кои треба да се водат од неколку принципи. Пред сè, со почит и благодарност кон нашите претходници кои ни го пренесоа македонскиот јазик како културно и духовно наследство; со грижа, љубов и свесност за неговата правилна употреба и со обврска и одговорност да го зачуваме, да го развиваме и да го пренесеме тоа богатство на идните генерации“, додава професорката.
Таа истакнува дека ваквите предизвици треба да нè поттикнат на посветеност во однос на негувањето, унапредувањето и заштитата на македонскиот јазик.
„Покрај индивидуалниот пристап кон правилната и стандардната употреба на македонскиот јазик потребна е поддршката од образовниот систем, од медиумите, а неопходна е и институционалната грижа и јазична политика што го поддржува и чува македонскиот јазик како дел од културното и националното наследство“, додава Велева.
Во врска со намалениот интерес за студирање македонски јазик на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ, вели дека проблемот може да се разгледува од неколку аспекти.
„Голема улога во овој процес има иселувањето и намалувањето на бројот на ученици во основните и во средните училишта, дисперзијата на студиите во повеќе универзитетски центри и активирање на истите студиски програми на повеќе факултети низ државата и малата економска мотивација во однос на можноста за вработување на овие кадри. Причините се и во недоволната промоција на овој вид студии како во средните училишта, така и во медиумите. И покрај намалениот број запишани студенти, наставниот кадар на Катедрата со целосна посветеност им ги открива потенцијалите на системот, креативните творечки и функционалните можности на македонскиот јазик и ги усогласува своите знаења со современите состојби во општеството и во технологијата“, посочува Велева.
За тоа, пак, што треба да се преземе за правилна употреба на стандардниот македонски јазик во јавната сфера, директорката на новоформираниот Инспекторат за македонски јазик Менче Андреева за весникот ВЕЧЕР вели: „Состојбата на стандардниот македонски јазик во јавната сфера, во моментов, за жал, не е на високо ниво. Секојдневно сме сведоци за негова неправилна употреба, на пример во медиумите, во некои контактни и забавни емисии. На улица секојдневно среќаваме имиња и реклами на трговски претпријатија, па дури и рекламни билборди кои се напишани на странски јазик, најчесто на англиски, со латинично писмо. Кај органите на законодавната, на извршната и на судската власт, како и кај правните лица во меѓусебната комуникација, исто така среќаваме примери кои содржат стилски и правописни грешки“, посочува Андреева. Таа додава дека прашањето за состојбата на стандардниот македонски јазик во јавната сфера е од особено значење, во контекст на годинешното одбележување на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

„Морам да истакнам дека дел од јазичните прашања се уредени со донесувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, во јануари минатата година. Согласно Законот за првпат се формира и Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, кој со своите активности ќе стои во одбрана на јазикот. Сето ова во иднина, ќе придонесе состојбата на стандардниот македонски јазик во јавната сфера да се подигне на повисоко ниво. Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, освен остварување на основната, законска обврска, да врши превенција и инспекција за правилна употреба на македонскиот стандарден јазик, ќе работи и на подигнување на јавната свест за значењето на употребата на македонскиот стандарден јазик“, истакнува Андреева.
Инаку, како што додава, Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик ќе работи и на развој на програми за едукација и информираност за значењето на правилната употреба на јазикот, како и на развој на насоки и стандарди за негово користење. Со помош на редовни и вонредни инспекциски надзори, како и со прием на жалби и пријави, Инспекторатот ќе ги утврди неправилностите при употребата на македонскиот јазик и ќе работи на нивно ефективно отстранување. Во рамките на институциите, воспитните и образовните установи, како и кај медиумите, ќе се подобри состојбата со вработувањето на лектори кои ќе имаат задача да ги лекторираат сите документи од јавен карактер.
„Сепак, надежта за подобрување на употребата на македонскиот стандарден јазик во јавната сфера започнува од нас. Секој од нас, во моментов, треба да тргне од себе и да се запраша дали правилно го употребува македонскиот стандарден јазик на своето работно место, доколку работи во некоја јавна институција или медиум и што треба да промени. Крајно време е, кон македонскиот јазик, да се однесуваме како кон наше вредно културно наследство. Честопати велам дека ‘Јазикот е најпотполно сведоштво за постоењето на еден народ’ и треба да го почитуваме и да го негуваме“, истакнува Андреева. (Н.И.Т.)
Свечен настан за одбележување на Денот на македонскиот јазик
На 5 мај (понеделник) 2025 година, во 10:00 часот, во собраниската сала „Голема купола“, Комисијата за култура и туризам при Собранието со свечен настан ќе го одбележи 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, а по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Имено, неодамна Собранието, на предлог од Комисијата за култура и туризам, ја усвои Програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и на истакнати личности за 2025 година.
Во Програмата се содржани повеќе јубилеи поврзани со македонскиот јазик: 150 години од издавањето на „Речник од три јазика“ на Ѓорѓија М. Пулевски; 120 години од излегувањето на списанието „Вардар“; 100 години од печатењето на букварот „Абецедар“ за македонското малцинство во Грција; 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик; 80 години од издавањето на првиот македонски буквар и 80 години од одржувањето на првиот наставен час на современ македонски јазик во СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ во Битола.