Во прашање се часови кога блок 2 на РЕК „Битола“ ќе почне повторно да произведува струја

184

Вториот блок на РЕК „Битола“ кој е надвор од електродистрибутивната мрежа од 18 јуни поради пожар во близина на ормарот за електронско управување, многу скоро повторно ќе биде вратен во мрежата и синхронизиран, вели портпаролката на РЕК „Битола“, Оливера Михајловска.

Вториот од трите блока на Рударско-енергетскиот комбинат беше автоматски исклучен од електроенергетскиот систем по активирање на заштитниот механизам.

– Тоа е процес, многу скоро ќе биде ставен во функција, не можам да ви кажам точно кога. Можно е во текот на денов, но прогнозите се дека може и веќе до утре да биде ставен во елекреодистрибутивната мрежа – вели Михајловска. 

Таа посочува дека по случајот со пожарот за кој од Електростопанство се сомневаат на можна саботажа, се почнало и со чистење на блокот 3 од јаглеродна прашина. Третиот блок беше исклучен поради намален конзум на потрошувачката на електрична енергија, додека пак, првиот блок од 10 јуни беше исклучен поради редовен ремонт.

– Доколку има потреба и вториот и третиот блок ќе ги пуштиме во мрежа, еден по друг, ако нема потреба, ќе одиме само со блок 2 – вели Михајловска.  

Во меѓувреме кога трите блока на РЕК „Битола“ не произведуваат, снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на ел. енергија преку МЕМО.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ