Во Музејот на современата уметност, на 3 јуни, од 18:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Во потрага по нешто“ на реномираниот британски уметник, Ричард Дикон. Тој е скулптор чија повеќедецениска скулпторска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција, како и нивно редефинирање и реконцептуализирање во рамките на современите скулптура и уметност.
Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и со средни димензии, изработени во дрво: UV84DC (UW84DC) и „Во шумата“ (дух, мечка, мала мечка, лилјак и ѕвер / In the Woods (Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast); од не`рѓосувачки челик: „Одење“ (Tread) и глазирана керамика „Сочинето од ова“ (Made of This), создадени, главно, во текот на оваа и на минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата „Notes“ на ајфон: „Втор мотив“ (Second Motif).
Ричард Дикон (1949, Обединетото Кралство) живее и работи во Лондон. Учествувал на бројни значајни групни изложби насекаде во светот, вклучувајќи ги и биеналето во Сао Паоло (1983), „Карнеги интернационал“ (1985), биеналето во Сиднеј (1989) и „Документа IX“ (1992). Го претставуваше Велс на Венецијанското биенале (2007) и учествуваше на Венецијанското биенале за архитектура (2012), „Глазгов интернационал“ (2006). Ја доби и престижната Тарнерова награда во 1987 година, која ја доделува галеријата „Тејт“. Изложбата се реализира во соработка со Британскиот совет, галеријата „Дотс“, Министерството за култура и туризам и британската Амбасада во Скопје.