Во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“. Овој феномен е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
– За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки – стои во апелот од националниот парк.
Се бараат доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката која претежно е растително базирана.
Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
– Преку оваа акција ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места и ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана. Ова е и можност преку мониторинг да се утврди нивната бројност, здравје и старосна структура – потенцираат од Националниот парк.
Донациите може да се оставаат во просториите на Јавната Установа Национален парк Шар Планина, почетна станица за гондола во Тетово, секој работен ден од 8-16:00 часот или на телефонскиот број 072-239-122.
(С.Бл.)