Во последните денови од кампањата се вадат најјаките адути: И Бранко се јави

Големо внимание вчера предизвикаа две фотографии кои се појавија на социјалните мрежи и на кои се гледа поранешниот македонски претседател, премиер и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во друштво со актуелни учесници – кандидати на претстојното гласање в недела. На едната е фотографиран во охридски ресторан со градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, и со пратеникот од таа партија, Саше Донев, а на друга фотографија е со носителката на советничката листа на ЗНАМ за Охрид, Марина Горговска. Оваа вест беше и повод за актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, да му порача: Или си со СДСМ или не си!

963

Актуелната изборна кампања за локалните избори секојдневно се засилува, носејќи нови случувања, активности и средби, кои во јавноста предизвикуваат големо внимание и недвосмислено се поврзуваат со намерите за што подобри изборни резултати. Такво големо внимание денеска предизвикаа две фотографии кои се појавија на социјалните мрежи и на кои се гледа поранешниот македонски претседател, премиер и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во друштво со актуелни учесници – кандидати на претстојното гласање в недела.

На првата тој е фотографиран како седи на иста маса со актуелниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, со Саше Доневски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, како и со Јован Мирчевски, сопственик на „Пупе компани“.

На друга фотографија, Црвенковски е со носителката на советничката листа на ЗНАМ за Охрид, Марина Ѓорговска. Таа, инаку, е актуелна директорка на ОУ „Христо Узунов“ – Охрид, дипломиран наставник по одделенска настава и магистер по методика, математика и дидактика. Ѓорговска самата ја објави фотографијата на својот профил на „Фејсбук“.

– Со најдобриот и посебен лидер, кафе во најубавиот Охрид – напиша Ѓорговска на својот профил на социјална мрежа „Фејсбук“.

Појавувањето на поранешниот лидер на сега опозициските социјалдемократи во друштво со актуелни политичари од редовите на владејчаката коалиција вчера, силно ја разбранува политичката јавноста во земјава. Истовремено, предизвика и лавина коментари околу мотивите на Црвенковски да се појави во ваквото друштво во финишот на изборната кампања, во текот на која неговата поранешна партија се обидува да закрепне од значително опаднатиот рејтинг на минатогодишните парламентарни избори. Не беа ретки коментарите во кои се посочува дека фотографиите се потврда дека Црвенковски е поврзан со движењето ЗНАМ, чиј лидер е кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, но и во директна спрега со ВМРО-ДПМНЕ.

Според дел од медиумите, средбата на Црвенковски со Пецаков не е прва. Наводно имало уште две претходно, во куќата на семејството на Црвенковски во охридско Слатино.

Вчера немаше реакција од Црвенковски, кој во 2020 година го замрзна своето членство во СДСМ откако дојде во судир со тогашниот лидер, Зоран Заев. Од движењето ЗНАМ ни одговорија дека немаат коментар за средбата на Црвенковски со нивата носителка на советничка листа.

Наспроти ова, актуелниот лидер на социјалдемократите, Венко Филипче, прашан за коментар за фотографиите, на вчерашната партиска прес-конференција кратко одговори.

– Во однос на сликата што излезе на социјалните медиуми вчера, јас можам само да го цитирам поранешниот претседател на СДСМ, а тоа е или си СДСМ или не си – нагласи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Во коментарите на социјалните мрежи се наведува дека двете средби и објавените фотографии не се случајни и дека се со цел да им се нанесе предизборен удар на Венко Филипче и на Зоран Заев. Односно, дека поранешниот лидер им дава јасна и јавна поддршка на партијата на Максим Димитриевски и на своите некогашни политички опоненти ВМРО-ДПМНЕ. Ова се случува по пет години, откако Црвенковски дојде во судир со тогашниот лидер, Зоран Заев, разочаран од неговите политики.

Црвенковски јавно го замрзна своето членство во СДСМ како реакција на интервјуто на Заев, кој пред пет години изјави дека „Македонија има заедничка историја со Бугарија, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците…“.

Од друга страна, партиите и вчера ја продолжија кампањата, која завршува утре на полноќ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на собирот во Крива Паланка, за Венко Филипче рече дека се однесува како да е нов во политиката и оти заборавил дека бил главна перјаница, заедно со Заев, во претходните влади на СДСМ, кога се ограбувала и уништувала Македонија.

– Не сфаќам како може човек без образ да зборува и да се прави дека е некој друг. Тоа во медицината го викаат патологија. Патологија својствена за еден човек што ставаше рака на срце кога се колнеше во македонската жица. Но, очигледно, тоа било заразно, па тој вирус денес го има фатено и овој нов претседател на СДСМ, Венко Филипче. Вирусот започнува со чувство на самодоверба. Расте, расте… додека не прерасне во чувство на божественост. Следниот симптом – раката на срце! Човекот што го има вирусот, инстинктивно, што и да зборува, ја става раката на срце и се колне. Понекогаш звучи чудно, невообичаено, дури и непотребно. Но, симптомот е таков – рече Мицкоски.

Тој рече дека Филипче имал шанса да направи нешто, но ја прокоцкал.

– Заборава дека имал шанса да направи нешто. И не само што ја прокоцкал туку е и директно виновен за трагедии, за корупција, за предавства, за срамот што ѝ го нанел на својата држава – истакна Мицкоски.

Филипче, пак, на митингот во Битола, возврати дека „оваа власт не ги решава проблемите на луѓето, туку ги игнорира“.

– Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нè боли. Нè боли затоа што гледаме дека ова не е Македонија што ја заслужуваме, ниту Битола каква што ја замислуваме – рече претседателот на СДСМ.

Притоа, Филипче рече дека Битола е оставена на маргините. Како град што е препознатлив по културата, по историјата, по урбаниот дух, денеска се души во застој и запустеност поради неспособноста на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

– Битола никогаш не била нем набљудувач, туку секогаш била двигател на промена. Затоа, одовде, пораката што ќе се слушне низ цела Македонија е: СДСМ се враќа! Се враќа со јасна визија, со длабока самосвест и со поголема одговорност. Се враќа со работа со чесни ветувања и со луѓе што знаат што значи да се биде на страна на народот. Луѓе што се тука да служат, а не да владеат – рече Филипче во Битола.

Со нови ветувања пред граѓаните излегуваат и кандидатите за градоначалници. Орце Ѓорѓиевски, кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, најави дека Скопје ќе добие две нови средни училишта и фотоволтаици на сите други.

– Ќе се изградат нови современи средни училишта во Драчево – нов објект за СУГС „Браќа Миладиновци“, и во Ѓорче Петров – нова зграда на „Кочо Рацин“. Овие училишта ќе бидат дигитализирани, енергетски ефикасни и приспособени на потребите на современото образование. Нема посветла инвестиција од онаа во умот и срцето на едно дете – рече Ѓорѓиевски.

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, на денешната прес-конференција зборуваше за проблемот со недостигот на вода во повеќе делови од Скопје, особено во повисоките зони. Таа посочи дека загубите на пивка вода во системот се алармантни и дека е потребен сериозен, системски пристап.

– Процените се дека околу 60 проценти од пивката вода се губат во системот за водоснабдување. Дел од загубите доаѓаат поради застарената инфраструктура, која со години не е одржувана. Ќе направиме увид во критичните точки и ќе видиме каде најмногу се губи водата. Имаме снимки и податоци од минатите години, но досега никој не ги спровел на дело – рече Шукова.

Амар Мециновиќ, кандидат на Левица, пак, уште еднаш обвини дека 30 години македонската престолнина се уништува со профитот пред квалитетот на живот.

– Секој ќош стана парцела, секое дрво пречка, секој човек бројка во нивниот профитен план. Профит во името на профитот! Ќе се залагам жителите, а не инвеститорите, да го диктираат генералниот урбанистички план, кој е една од главните причини за непланската бетонизација и за урбаното силување на Скопје – порача тој.

ИЗДВОЕНИ