На последната седница на Советот на Општина Гевгелија на предлог на советникот од Левица, Никола Петров, беше изработена информација за состојбите со детското престапништво на територијата на општина Гевгелија.

Од добиените информации од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, ОВР Гевгелија и Основниот суд во Гевгелија, може да се заклучи дека стапката на прекршочни и кривични дела извршени од малолетни сторители е драстично зголемена во првите 6 месеци од 2025 година во споредба со целата 2024 година. Впрочем, бројките зборуваат самите за себе.

Така, во Основниот суд Гевгелија во 2024 година се заведени 4 кривични предмети од малолетни сторители, и тоа за тешка кражба, кражба и тешки дела против безбедноста во сообраќајот. Во 2025 година, до 22 мај, во истиот суд заведени се 8 кривични предмети од малолетни сторители и тоа за тешка телесна повреда, за спречување на службено лице во вршење на службено дејство, за телесна повреда, за загрозување на сигурноста и за тешка кражба.

Во ОВР Гевгелија, во текот на 2024 година, биле поднесени 5 поднесоци против 6 малолетни сторители за сторени 16 кривични дела, и тоа за кражба, тешка кражба и предизвикување општа опасност. Во текот на 2025 година, заклучно до 24 јуни 2025 година, од страна на ОВР Гевгелија се поднесени вкупно 12 поднесоци против 20 малолетни сторители за сторени 20 кривични дела и тоа за кражба, тешка кражба, тешка кражба на дрзок начин, телесна повреда, тешка телесна повреда, спречување службено лице во вршење службено дејство, шверцување мигранти и фалсификување исправа.

Како извршители на кривични дела на подрачјето на ОВР Гевгелија се појавуваат малолетни лица не само од подрачјето на ОВР Гевгелија, туку и малолетни лица од други станични подрачја, при што од страна на ОВР Гевгелија се поднесени соодветни поднесоци до надлежните органи. Во делот на превенцијата , велат од полицијата, во текот на 2024 и 2025 година се одржани повеќе воспитно-едукативни предавања во основните и средните училишта на подрачјето на ОВР Гевгелија, практика со која ќе се продолжи и во наредниот период.

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во текот на 2024 година  евидентирал 31 дете, од кое 15 сториле прекршоци, 6 од нив сториле кривични дела и 10 се деца во ризик за кои има пријави од Училиште за нередовно посетување на настава. Од овие 31 дете, 28 се од машки пол и 3 се од женски пол. Од страна на надлежниот Основен суд се изречени 4 воспитни мерки, за 3 од нив е изречена воспитна мерка Укор, а за едно од децата и воспитна мерка – Засилен надзор од Центарот.

Во текот на 2025 година, до јуни месец се евидентирани 17 деца, од кои 7 сториле прекршок, 7 сториле кривични дела и 3 од нив се деца во ризик за кои е добиено известување од училиште за нередовна настава. Сите деца се од машки пол. За 5 деца од страна на Основен суд Гевгелија е доставено барање за изготвување извештај, како и наод и мислење на стручен тим.

За сите предметни постапки бил изготвен план со мерки и активности за индивидуална работа со децата и родителите и сите тие соработуваат со Центарот и редовно се јавуваат на предвидените средби. Во поголемиот број случаи, децата се сторители на кражби и нанесување на телесни повреди.

Она што е наведено во информацијата и што посебно загрижува е податокот дека во 2021 година во Општина Гевгелија е формиран Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, кој цели четири години нема одржано ниту една седница. Од Општината  добивме информација дека во 2024 година е донесен нов Закон за правда на децата со кој престанува да важи претходниот закон.

– Од тие причини од страна на Одделението за социјална, здравствена, детска и други заштити во Општина Гевгелија се преземени активности за формирање нов состав на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, согласно новиот закон и испратени се барања до релевантните институции за номинирање членови во овој совет. Зошто стариот Совет цели четири години не одржал ниту една седница, во информацијата нема ниту збор – велат од општина Гевгелија.

Од Општината посочуваат дека се преземени соодветни активности од нивна страна за борба против врсничкото насилство. Во тие активности се наведни патувачкиот карван на „Макпетрол“, кој одржа едукативна работилница за врсничко насилство, работилници за учениците од шесто до деветто одделение, потпишан меморандум за соработка со „Макпетрол“, како и имплементација на проектот „Врснички форум театар“.

Зголемената стапка на криминал извршен од малолетници сериозно влијае врз сигурноста и мирот на граѓаните на општина Гевгелија. Затоа, Советот за превенција од детско престапништво при Општина Гевгелија треба што поскоро да започне со активности, додека  другите надлежни институции доследно и ажурно да ги спроведуваат сите превентивни мерки со цел намалување на стапката на малолетничко престапништво во иднина.

(Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ