Бројот на загинати во катастрофалните поплави во американската сојузна држава Тексас што се случија во петокот, се искачи на најмалку 120 лица, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
Најпогодена е областа Кер Каунти, каде што се потврдени 96 жртви, од кои 36 се деца, повеќето сместени во христијанскиот летен камп за девојчиња „Мистик“. Според надлежните, се трага по уште шест деца од кампот и една воспитувачка.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, изјави дека повеќе од 2.200 лица се вклучени во спасувањето, а тешки услови и натаму има во Централен Тексас, Хил Каунтри, Биг Каунтри и Кончо Вали.
Има жртви од поплавите и во соседно Њу Мексико. Таму загинале маж и две деца на возраст од 4 и 7 години.
Научниците сметаат дека климатските промени водат кон зголемена зачестеност и интензитет на ваквите екстремни временски услови, поради затоплувањето на океаните и покачените нивоа на морето.