Во пластеник ќе одгледуваат зеленчук и лековити и зачински растенија

36

Учениците од основното општинско училиште „Петре Поп Арсов“ во селото Извор добија нова можност за практична настава преку новоизградениот пластеник во училишниот двор. Пластеникот е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува Организацијата на жени на Општина Велес, со цел поттикнување одржлив развој во руралните средини.

Проектот „Руралните убавини во Чашка“ се реализира и во селото Горно Врановци, во соработка со ООУ „Лирија“, каде што веќе се спроведени активности за хортикултурно уредување на училишните дворови, садење повеќегодишни садници и за селекција на отпадот.

Како што информира Мирјана Трајкова од Организацијата на жени на Општина Велес, пластеникот пред училиштето во селото Извор е со должина од седум и ширина од пет метри, опремен со систем за наводнување „капка по капка“.

Пластеникот во кој ќе бидат насадени зеленчук и лековити и зачински растенија ќе се користи како практична лабораторија за научнообразовни активности по предметите Природни науки, Биологија и Општество. Воедно, ќе овозможи и нови вонучилишни активности, кои ќе го збогатат секојдневието на децата во ова рурално подрачје.

– Создадовме простор каде што децата не само што ќе учат туку и ќе развиваат љубов кон природата и кон трудот. Веруваме дека ваквите активности ги зајакнуваат чувството на заедништво и грижата за животната средина – потенцира Трајкова.

Проектот „Руралните убавини во Чашка“ се реализира и во селото Горно Врановци, во соработка со ООУ „Лирија“, каде што веќе се спроведени активности за хортикултурно уредување на училишните дворови.

Трајкова потенцира дека преку овој проект учениците од Општина Чашка од најмлада возраст се учат за заштита, чување и негување на растенијата и на природата.

Проектот е дел од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година и има цел создавање долгорочни едукативни и еколошки придобивки за децата и за заедниците во руралните подрачја на Општина Чашка.

ИЗДВОЕНИ