Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница не успеа да го донесе Упатството за пополнување на образецот на листи за кандидати за членови на советите на општините и на Градот Скопје, поради барањето на членката Дитмире Шеху одлуката да се донесе со консензус, повикувајќи се на заштита на интересите на немнозинските заедници. Сепак, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, најави дека Упатството ќе се најде на гласање повторно во петок, но според постапка со мнозинство гласови, како што дозволува Изборниот законик.
– Денеска беше одложено гласањето затоа што колешките бараа да се гласа по принципот на консензус, но очекува ова Упатство да биде донесено на седницата на ДИК во петок, со друга постапка која е предвидена со закон. Очекуваме Упатството да биде донесено со мнозинство гласови. Најверојатно, колешките ќе поведат постапка пред Управен суд, вели претседателот на ДИК, Борис Кондарко во изјава за весникот ВЕЧЕР.
ДИК не го донесе Упатството, откако Дитмире Шеху побара одлуката да се донесе со консензус, едногласно, повикувајќи се на одредби од Изборниот законик кои, како што рече, предвидуваат член на Комисијата да може да побара вакво гласање ако одлуката се однесува на немнозинските заедници.
Членката Шеху се спротивстави на користењето на владина одлука базирана на податоци од пописот, според кои се прави поделба на населението на резидентно и нерезидентно. Таа инсистира бројот на советници да се утврдува исклучиво врз основа на Законот за локална самоуправа. Овој спор ја активираше можноста, предвидена со Изборниот законик, одлуките што се однесуваат на немнозинските заедници да се носат со консензус, односно, едногласно – што во овој случај не беше постигнато. Со оглед на барањето на Шеху, за ова прашање ќе треба да се произнесе правната служба на Државната изборна комисија во одреден временски рок.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, претходно истакна дека вакво упатство за локалните избори во 2021 година било донесено врз основа на одлука на Влада од 2004 за број на советници во општините и во Градот Скопје. Сепак, тој го стави упатството на гласање по кое беше констатирано дека пет члена се „за“ и двајца „против“, со што упатството не може да се донесе консензуално, односно, едногласно.
–Со примена на одредбите од член 31 од Изборниот законик точка 34г на која се повика колешката Дитмире Шеху, која гласи дека кога предлог-одлуката на ДИК се однесува на интереси на немнозинската заедница пред ставање на одлуката на гласање кој било член на ДИК кој припаѓа на немнозинската заедница има право да побара од ДИК да одлучува таквата одлука да биде донесена со консензус. Согласно со точка 34 г од член 31 од ИЗ како што беше предлогот на колешката, упатството го ставам на гласање како предлог-упатство за пополнување на образец на листи за кандидати за членови на совет на општини и на градот Скопје, рече Кондарко и констатира дека пет члена на ДИК се „за“ и двајца „против“.
Согласно со ова и цитираната законска одредба, како што истакна, тој констатира дека за оваа одлука гласањето покажало дека нема консензус и таа не е донесена.
–Согласно со дискусијата и предлогот на Шеху, ДИК по нејзино барање може да постапува согласно со точките 34д и 34ѓ, односно, колешката има право да се обрати писмено до правната служба која ќе го разгледува ова прашање и во соодветен рок е должна да даде одговор со писмено мислење, рече Кондарко и додаде дека комисијата ќе се наврати на оваа точка од оваа седница по завршувањето на таа процедура.
На денешната 130. Седница, ДИК донесе неколку други одлуки поврзани со претстојниот изборен процес за локалните избори, а донесе и упатство за набљудување на изборната постапка. (В.С.Н.)