На само 15 километри западно од центарот на Скопје, каде силно блешти сонцето и тешко се дише, се наоѓа кањонот Матка, каде можете да доживеете многу убаво искуство за сите сетила. Мештаните велат дека мора да ја посетите турата до пештерата Врело. До неа може да се пристапи само со брод. Пештерата е убаво осветлена со рефлектори кои се напојуваат со струја од генератор, и со самото влегување во неа останувате импресионирани од облиците на безвременските сталактити од кои доминира големото во средината на пештерата, познато како „Борова шишарка“ поради својата форма, а се смета дека се создавал 2.700 години.
Кањонот Матка го нарекуваат и мала Света гора поради големиот број цркви и манастири што можат да се посетат. Тој нуди можности за пливање, кајакарење, но и за алпинистичко искачување по стрмните карпи.
На само 15 километри западно од центарот на Скопје, каде силно блешти сонцето и тешко се дише, се наоѓа кањонот Матка, ретка убавина која редовно ја посетуваат не само скопјани, туку е и популарна дестинација за домашните и странските туристи намерници во чии планови за разгледување на македонската метропола е токму ова место за разладување и разонода.
Сепак, до Матка не се стига лесно. Проблемот со пристапни и убаво уредени патишта останува само желба која се актуелизира на пред секои локални избори, а кандидатите, без разлика од било која политичка партија ветуваат дека ќе го остварат, но многу брзо забораваат на ветувањето. Патот е тесен, полн со дупки, па затоа не е препорачливо до ова место да се оди со автомобил, дотолку повеќе што малиот број паркинг-места се недоволни за паркирање ниту на туристичките автобуси кои тешко се разминуваат. Најдобро е да се користи градски превоз, автобусот број 60, кој тргнува од Централната автобуска станица на секои 1-2 часа. Внатре во билетарницата задолжително побарајте дневен билет до кањонот Матка кој чини 120 денари и важи за сите линии.
Кога ќе пристигнете во Матка, следете ја пешачката патека кон браната „Матка“, на компанијата „ЕВН Македонија“. По браната, кањонот се отвора за да покаже мал хотел, ресторан, продавници за сувенири и тури за незаборавно патување со брод по езерото со модрозелена боја. Една од овие бараки е билетарница која нуди патувања со брод до и од пештерата Врело, една од најубавите пештери што сум ги видела, а сум видела неколку. Ако имате проблеми, само прашајте наоколу и некој ќе ви помогне.
УБАВО ИСКУСТВО ЗА СИТЕ СЕТИЛА
Во кањонот Матка можете да доживеете многу убаво искуство за сите сетила. Мештаните велат дека мора да ја посетите турата до пештерата Врело. До неа може да се пристапи само со брод. Едно возење со брод низ кањонот, до пештерата и назад чини 500 денари (околу 8 евра) и во приближно едночасовното пловење по езерската вода можете да направите добри фотографии од недопрената природа на кањонот. Поевтино е ако сте група, сепак, ова е одлична вредност за она што ќе го доживеете.
Од бродот до влезот во пештерата Врело се стигнува со искачување по стрмни скали, за што е потребен особен напор. Но, сè заборавате кога почнува возбудата уште при влезот во утробата на планината. Влезот во пештерата е 50 метри над земјата, па ќе мора да се спуштите по неколку скали за да стигнете до езерата. Не грижете се, има решеткаво метално скалиште кое ќе ве води низ поголемиот дел од патот.
Пештерата е убаво осветлена со рефлектори кои се напојуваат со струја од генератор, и со самото влегување во неа останувате импресионирани од облиците на безвременските сталактити од кои доминира големото во средината на пештерата, познато како „Борова шишарка“ поради својата форма, а се смета дека се создал 2.700 години.
Внатре температурата е секогаш 12 Целзиусови степени, ни објасни нашиот водич водејќи не низ пештерските лавиринти од тунели – и на зима кога надвор е минус 20 степени и во лето кога скалата на термометарот покажува 40 степени, како што е, впрочем, деновиве.
Неговата строга, но духовита нарација укажуваше на важните агли и чудните природни формации, што беше доста интересно. Тој нè опомена дека треба многу внимателно да се движиме по патеките и кога се искачуваме или слегуваме по железните скали и мостови, затоа што постојано капе вода и понекогаш може да биде малку лизгаво.
Пештерата Врело е, всушност, комбинација од две пештери и езера. Првата е подводен дел наречен Подврело, со длабочина од најмалку 240 метри. Нуркачи од земјава и од странство со години периодично нуркаат, обидувајќи се да откријат колку, е всушност, длабоко ова подземно езеро. Иако точната длабочина на пештерата е непозната, се верува дека е меѓу најдлабоките во Европа и/или светот.
Втората пештера е, всушност, областа која привлекува восхит. Таванот е полн со сталактити и закривени ѕидови осветлени со разнобојна светлина. На крајот се двете езера. Нивната мирна вода дава одраз на огледало во широката осветлена сала. Спелеолозите (истражувачи на пештери) веруваат дека водата влегла во пештерата дури откако била изградена акумулацијата Матка во 1936 година. Ова е индицирано од присуството на сталактитите во водата.
Овој природен феномен беше номиниран за награда во проектот „Нови 7 чуда на природата“ како едно од 77 најдобри природни места во светот. Звуците што постојано се слушаат во внатрешноста на пештерата Врело доаѓаат од нејзините жители – лилјаците. На самиот влез од пештерата се наоѓа „Салата“, каде што понекогаш се одржуваат концерти. Музиката во овој простор има сосема поинаков звук.
Кањонот Матка е наречен мала Света Гора
Пештерата Врело е несомнено бисерот на кањонот Матка, но возејќи се со брод по езерото можете да уживате во прекрасната околина, да го почувствувате мирисот на разновидните билки и да го чуете црцорењето на бројните птици од кои, некои, се единствени во регионот на Балканот.
Кањонот има илјада растителни видови, од кои 20 се локални, како и разни видови пеперуги, кои не можат да се најдат на друго место во Европа. Исто така, постојат два вида пајаци и пет вида скорпии кои сè уште не се видени на друго место. Во кањонот може да се сретне најотровната змија во јужна Европа, рогатиот отровник. Пештерите во кањонот, пак, се дом на големи популации на лилјаци, додека на карпите живеат и мршојадци, како белоглавиот орел, кои се заштитени со закон со цел да се заштитат од истребување.
Кањонот нуди и можности за алпинистичко планинарење. Сезоната на искачување по стрмните карпи започнува околу Велигден и завршува во ноември. Езерото нуди можност за пливање и за кајакарење. Оваа активност е особено популарна на реката Треска, која го продолжува својот тек надолу по браната Матка, каде што понекогаш можат да се видат риболовци.
Кањонот Матка го нарекуваат и мала Света гора поради големиот број цркви и манастири што можат да се посетат. Најпознат од нив е манастирот „Свети Никола Шишевски“, кој се наоѓа на десниот брег над реката Треска и акумулацијата. Точниот датум на изградбата на манастирската црква посветена на свети Никола е непознат. Сепак, постои податок дека црквата била изградена или обновена во 1345 година од страна на поп Ненад и други ктитори. Манастирот нуди уникатен поглед високо над кањонот.
Исто така, познат е и манастирот „Свети Андреја“, основан околу 1388 година од братот на принцот Марко, Андреј. На левиот брег на реката Треска е манастирот „Матка“, изграден во 14 век и посветен на Пресвета Богородица. Според натписот на црквата, некоја жена по име Милица ја нашла црквата во лоша состојба и без покрив во 1497 година. Таа го заменила покривот, додала нови фрески, изградила трем и создала лозје.
Вреди да се посети кањонот Матка, затоа што има што да се види. Но, ако не ви се допадне ништо од горенаведеното, само седнете во ресторанот и уживајте во спектакуларниот поглед.
(С.Бл.)