Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека безбедносните гаранции за Украина се подготвени и дека ќе бидат потврдени денесака од „коалицијата на добронамерните“, која го поддржува Киев, на состанок во Париз.
„Подготвени сме како Европејци да им понудиме безбедносни гаранции на Украина и на украинскиот народ на денот кога ќе се потпише мировниот договор“, рече Макрон, пренесе Ројтерс.
Тој рече дека подготвителната работа за безбедносните гаранции за Украина е завршена. Макрон вчера го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Елисејската палата во Париз пред состанокот на лидерите на „Коалицијата на добронамерните“.
Околу 30 лидери ќе присуствуваат на самитот за да го разгледаат напредокот во дискусиите за безбедносните гаранции за Украина, кои се сметаат за неопходен предуслов за секој иден мировен договор, според нацрт-документ што го виде Ројтерс, а кој им беше доставен на учесниците.
„Коалицијата на добронамерните“, составена од Франција и Велика Британија, со месеци води разговори за да се обиде да дефинира планови за тоа кои земји би можеле воено да ѝ помогнат на Украина да ја одврати Русија од повторен напад откако ќе се постигне конечно прекин на огнот.
За време на заедничкиот брифинг со францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски рече дека досега не се видени сигнали од Русија дека сака да ја заврши војната, објави Укринформ. Зеленски им се заблагодари на Макрон и на народот на Франција за нивната поддршка во борбата против Русија.
„Сигурен сум дека нашиот сојуз, првенствено европскиот сојуз, кој е со нас од почетокот на војната, и европскиот сојуз со Америка ќе ни помогнат да го зголемиме притисокот врз Русија со цел да се движиме кон дипломатско решение за ова тешко прашање“, рече Зеленски.