Во општина Илинден ќе можат да се изнајмуваат електрични автомобили

17

Граѓаните на општина Илинден првпат ќе имаат можност да изнајмуваат електрични автомобили за своите потреби. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, и директорот на „Авант Кар“, Мартин Милевски, потпишаа Меморандум за соработка преку кој се овозможува на територија на општина Илинден воведување и имплементација на Систем за дистрибуција на автомобили со 100% електрична енергија.

– Автомобилите ќе бидат поставени на три локации на територија на општина Илинден – на паркингот кај Домот на култура „Илинден“, на паркингот кај спортската сала „Гоце Делчев“ и на паркинг-просторот кај спортско-рекреативниот центар во Марино. Граѓаните преку инсталирање на апликација на својот мобилен уред ќе можат да го користат електричниот автомобил. На истите локации каде се наоѓаат автомобилите ќе бидат поставени и електрични полначи за истите  – објаснуваат од Општина Илинден.

Автомобилите се под трговското име на „Авант“, „Avant2GO“.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека целта е да се подобри квалитетот на живот преку создавање напредни решенија за одржлива мобилност.

– Ние ја следиме визијата за чиста, едноставна, ефикасна и достапна подвижност, која дејствува како платена услуга само кога ни е потребна. Споделувањето на електричните возила е самопослужување, краткорочен наем, по претходно утврдени локации 24 часа на ден, секој ден во годината. Преку апликацијата која треба да биде инсталирана на паметен телефон (од резервација до плаќање), корисникот може да земе возило во секое време – нагласи Георгиевски.

ИЗДВОЕНИ