Анализите на РКЕ покажуваат дека од година на година трошиме поголеми количини вода, дека се намалува наплатата и дека се зголемува бројот на вработени во јавните водоводни претпријатија. Со цел во блиска иднина да не ја замениме водата од чешма со онаа во шише, од РКЕ сметаат дека е време да има централизирана надлежност во формирањето на конечната цена на водата, затоа што актуелниот начин на определување на цената се покажал како многу сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна и затоа загубите на вода се огромни

Поради неефикасно и нерентабилно работење, проблеми со големите загуби на вода, неефикасна наплата на искористената вода, прекумерна работа, наталожени долгови, водоводните претпријатија се пред колапс. Загубите на вода на национално ниво се искачија на 64 проценти, а во некои региони достигнуваат и над 70 проценти, поради што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги бара целосна надлежност за заштита на водниот сектор, како еден од најранливите на последиците од климатските промени.
Анализите на РКЕ покажуваат дека од година на година трошиме поголеми количини вода, дека се намалува наплатата и дека се зголемува бројот на вработени во јавните водоводни претпријатија. Со цел во блиска иднина да не ја замениме водата од чешма со онаа во шише, од РКЕ сметаат дека е време да има централизирана надлежност во формирањето на конечната цена на водата, затоа што актуелниот начин на определување на цената се покажал како многу сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна и затоа загубите на вода се огромни.
– Актуелните тарифи за вода не ги покриваат реалните трошоци и затоа јавните комунални претпријатија работат со загуба, па општините се принудени да ги субвенционираат. Последиците се мултидимензионални, а она што е најзагрижувачки е што поради недостиг на средства, нема инвестиции, процентот на загуба на вода од година на година расте и сето тоа е резултат на старата водоводна мрежа – истакна членот на РКЕ, Фатон Амбари, на тркалезната маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“ во организација на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
Анализите на РКЕ покажуваат дека од 79 претпријатија што обезбедуваат водни услуги, за 20 се донесени регулаторни одлуки, при што за 11 од нив советите на општините не дале согласност, а девет јавни комунални претпријатија воопшто не поднеле барање за нова цена.
– Целта на оваа иницијатива е преку интервенции во законските решенија, да се создаде поедноставен, транспарентен и стабилен систем за утврдување на тарифите за водни услуги. Нудиме јасен и едноставен процес во формирање на конечната цена. Предлагаме кратење на бирократскиот процес од шест во два чекори, со доставување барање и утврдување на конечната цена. РКЕ подолго време алармира дека сегашниот начин на утврдување на цената е неефикасен: се доведува во прашање квалитетот на услугата, дефектите се зголемуваат, а јавните комунални претпријатија се борат за ликвидност – изјави заменик-претседателот на РКЕ, Лирим Сулејмани.
Амбари смета дека со реализацијата на оваа иницијатива ќе се создадат предуслови РКЕ да спроведе регулаторни одлуки и мерки, со што ќе се обезбеди самоодржливост на ЈКП на долг рок.
– Ние ја дефинираме конечната цена, но предвидуваме и задолжителни средства за инвестиции и го ограничуваме бројот на вработени – посочи Амбари.
Во земјава има 78 претпријатија што даваат водни услуги, од кои осум снабдуваат сурова вода за населението, 67 вршат снабдување со вода за пиење, 56 вршат собирање и одведување на урбаните отпадни води, з 20 вршат прочистување на отпадните води.
Територијата на државата е поделена на осум водостопански региони, во кои водата доаѓа од 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Според податоците на РКЕ за 2024 година, најголеми загуби на вода биле забележани во Југозападниот Регион, каде што имало скоро 73 %, во Полошкиот Регион загубите биле над 70 %, во Источниот Регион имало загуби од речиси 65 %, во Пелагонискиот и во Скопскиот над 60 %, а во Североисточниот 58 %. Нешто помалку загуби на вода имало во Југоисточниот – над 50 % и во Вардарскиот 53 %. Загубите се зголемувале, додека количината вода што влегла во системите била зголемена за речиси над 14 % споредено со 2023 година, а истовремено процентот на наплатена вода бил намален за 15 %.
(С. Бл.)












