Во Охрид, мускулестиот кршач на женски срца, Саша Ковачевиќ, ќе го слави својот 40. роденден! Македонките полудеа по пејачот!

2831

Зошто да не го „посвоиме“?!

Во Охрид, по концертот и по Турција, се подготвува продолжение на прославата за 40. роденден на Саша, на македонски начин – со ора и чочеци. Саша се изјасни дека го сака етнодухот на Македонија. – Ќе ми биде драго што воедно ќе го прославиме со публиката и големиот македонски државен празник, 2 Август – Илинден – весело раскажува поп-пејачот

– Добре дојдовте 40! Драги луѓе, благодарам за преубавите желби и честитки. Ве сакам сите! – им порача на своите обожаватели во Македонија популарниот поп-пејач Саша Ковачевиќ, од плажите во Турција. Тој таму официјално го прослави првиот дел од јубилејниот 40. роденден, а прославата на вториот дел е закажана за ноќта на 1 август, спроти празникот Илинден, во нашиот Охрид. Причината е многу јасна. Атрактивниот српски поп-пејач со многу хитови, во Охрид, на македонското „море“, поточно на стадионот „Билјанини Извори“, ќе има голем концерт, во организација на „Балкан медиа“. Овој пат заедно со својата, исто така, многу популарна естрадна колешка, но и пријателка, Лепа Брена. Токму затоа, во Охрид, по концертот, за сè да биде како што треба, се подготвува продолжение на прославата за 40. роденден на Саша, на македонски начин – со ора и чочеци. Саша се изјасни дека го сака етнодухот на Македонија.

– Во Турција, сè беше феноменално. Не се надевав на такво славење. Сè се случи спонтано, на самата плажа, среде бел ден. Без обврска да бидам облечен во вечерен костум со пеперушка и во свечени обувки. Ова беше нешто особено. Онака, максимално опуштен, само по шорцови за на плажа, полугол, исончан, среде медитеранската природа и топлото Средоземно Море. Најголемо изненадување ми беше кога ги дувнав свеќичките на овошната роденденска торта, а келнерите сипаа шампањско врз мене. Нешто што ќе го паметам многу години. Сега ми претстои убавиот Охрид. Го сакам градот, а самите охриѓани се пријателски расположени. Нема првпат да бидам во Охрид, но првпат на ист концерт со обожаваната Лепа Брена и првпат во една исклучително роденденска атмосфера. Затоа очекувајте позитивна журка која не може да се опише со зборови и која, сигурен сум, ќе трае долго во ноќта. Особено ќе ми биде драго што воедно ќе го прославиме со публиката и големиот македонски државен празник, 2 Август – Илинден – весело раскажува пејачот.

Вистина е дека Саша Ковачевиќ е многу чест гостин во Македонија, во која има приличен број настапи во преполни сали. Последните македонски концерти му беа изминатиот месец, во Скопје, во Општина Гази Баба и потоа во винарницата „Стоби“. Затоа, малку на шега, малку вистина, Македонките што полудеа по згодниот пејач, благо кажано, коментираат и прашуваат: „А, зошто да не го ‘посвоиме’ Саша, зошто да не биде жител на Скопје? Многу си го сакаме“.

Инаку, приватниот живот на Саша Ковачевиќ е, исто така, многу интересен колку и професионалниот. Тој е речиси една деценија во љубов со својата сакана Зорана Тасовац, која има ќеркичка од бракот со српскиот бизнисмен и угостител Богдан Срејовиќ, кој е познат во јавноста како поранешен љубовник на пејачката Цеца Ражнатовиќ.

Дуле Миќиќ – фото: приватна ФБ-архива

  

 

 

 

ИЗДВОЕНИ