Освен традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија и од регионот, во Охрид летово се очекуваат туристи и од Блискиот Исток, Кина, Јапонија, Тајланд… Цените во сместувачките капацитети, во кафеаните, кафулињата и во рестораните се речиси исти како лани, со мало зголемување од 4 до 5 отсто. Сепак, Охрид и со овие цени и понатаму важи за најевтина дестинација во регионот. Хотелиерите и угостителите се во последната фаза од подготовките за гостите, кои ќе донесат со себе освежување на локалната економија

Исполнетоста на сместувачките капацитети во Охрид во текот на велигденските и на првомајските празници ветува успешна туристичка сезона. И туристичките работници, со оглед на моменталната состојба, се надеваат дека оваа сезона ќе биде поуспешна од лани. Освен традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија и од регионот, летово се очекуваат туристи и од Блискиот Исток, Кина, Јапонија и од Тајланд. Цените во сместувачките капацитети, во кафеаните, кафулињата и во рестораните се речиси исти како лани, со мало зголемување од 4 до 5 отсто. Сепак, Охрид и со овие цени и понатаму важи за најевтина дестинација во регионот.

Хотелиерите и угостителите се во последната фаза од подготовките за гостите од Европа, Азија, Блискиот Исток, кои ќе донесат со себе освежување на локалната економија.

– Според моменталните прогнози, се очекува оваа туристичка сезона да биде подобра од лани. Охрид и претходната година имаше многу странски туристи, а оваа година, освен традиционалните гости од Холандија, Полска, Германија и од регионот, има најава и за туристи од Блискиот Исток, Кина, Јапонија и од Тајланд. Зголемениот број гости однадвор е добар за Охрид и за Македонија. На овој начин, нашата држава се лоцира на светската мапа за езерски туризам – изјави за весникот ВЕЧЕР Бошко Дамовски туристички работник од Охрид.

Според Дамовски, кога се полни сместувачките капацитети и е полн градот, корист имаат и кафеаните, кафулињата и угостителските објекти. Цените се речиси исти како лани, со мало зголемување од 4 до 5 отсто. Тој очекува дека оваа година ќе биде поуспешна од лани, со оглед на тоа што во неговата вила сите соби се издадени до крајот на септември.

И од Асоцијацијата на хотелиери велат дека за велигденските и за првомајските празници, кои се репер за претстојната туристичка сезона, исполнетоста на сместувачките капацитети била повеќе од 50 отсто.

– Првите оценки за претстојната сезона се позитивни. Освен домашни гости за велигденските и за првомајските празници, имаше и гости од Грција, Србија, Турција… како и Германци, кои веќе подолг период се на кружни тури во Охрид – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Освен туристи, тој вели дека во мај има многу семинари и обуки и се очекува хотелите да бидат исполнети до септември. Според него, цените се речиси исти како лани, а Охрид сè уште важи за најевтина дестинација во регионот. Тој очекува годинава миграцијата на работна сила да биде помала и да има доволно кадар во текот на летната туристичка сезона.

– Миграцијата на работна сила е малку помала во однос на лани, а имаме и подобро искуство со вработените од странство. Лани, странските работници што дојдоа да работат, си отидоа. Сега агенциите за вработување прават договори за вработување во кои се наведени сите услови како плата, сместување, време на работа… Странските работници земаат исти плати како домашните, односно од минимална плата, па нагоре, плус сместување и еден оброк, а ако работат повеќе од осум часа, добиваат два оброка – вели претседателот на ХОТАМ.

Туристичките работници нагласуваат дека за туристите годинава се подготвени нови, модернизирани сместувачки капацитети, подобрена угостителска понуда и дополнителни содржини како ексклузивни тури со брод, велосипедски патеки, но и специјални програми за посета на културните знаменитости во градот.

Статистика: Зголемен индексот на угостителските услуги

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во март 2025 година, во споредба со февруари 2025 година, е зголемен за 1,0 %. Индексот на цените на угостителските услуги во март 2025 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 6,9 %.

Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари – март 2025 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 6,2 %, додека во однос на декември 2024 година, е зголемен за 0,8 %.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ