Во очекување на утрешната голема изјава на Трамп за Русија дронови жестоко „војуваат“ на небото над Украина и Русија

134

Во очекување на „големата изјава“ за Русија што американскиот претседател Доналд Трамп ја најави за утре, војната во Украина се разгорува.

Дронови „војуваат“ на небото и на Украина и Русија, а Киев и Москва обзнанија дека успешно ги неутрализирале најголемиот дел од ноќните напади.

Ноќеска украинските сили за противвоздушна одбрана собориле 40 од вкупно 60 дронови со кои Русија извршила напад врз украински цели, соопштија Воздухопловните сили на Украина. Целите биле главно во близина на линијата на фронтот – територии во Доњецката, Сумската и Дњепропетровската област, каде што во текот на последните денови се водат жестоки борби.

Руското Министерство за одбрана информира дека и руската противвоздушна одбрана успешно неутрализирала 36 украински дронови над неколку региони во западниот дел на земјата. Според тоа соопштение, 26 беспилотни летала биле соборени над Белгородската област, четири над Воронежската, и по три дрона над Липецката и Нижегородската област.

Иако ниту една од страните не објави информации за евентуални жртви или материјална штета, интензитетот на воздушните напади укажува на ескалација на воените дејства преку беспилотна технологија.

ИЗДВОЕНИ