среда, февруари 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во новата просечна кошничка нема цигари, алкохол и кирија

Во новата просечна кошничка нема цигари, алкохол и кирија

18

Просечната потрошувачка кошничка е изготвена уште минатата година, но повеќе од шест месеци се чека одговорот од синдикатите и од работодавците, да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии што, можеби, би требало да се вградат во неа, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Оваа кошничка, како што рече, ќе биде најмалку 10 отсто пониска во однос на синдикалната и од неа се исклучени цигарите, тутунот, алкохолот и станарината.

Според Ристески, синдикатите ја пресметале синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркети, ги зеле предвид сезонските овошје и зеленчук што не се карактеристични за соодветните периоди, а ја калкулирале и киријата. Притоа, податоците не се однесувале за цел месец, туку кошничката се пресметувала на 20. во месецот. Како што рече, тоа го правеле за да вршат синдикален притисок врз јавноста и врз Владата за зголемување на платите.

– Параметрите се земени од Државниот завод за статистика, врз база на шест синџири маркети на национално ниво, два регионални маркети, зелени пазари од различни региони и на Земјоделскиот пазарен информативен систем. Се изработува врз основа на два дела: првиот е храна и безалкохолни пијалаци, а вториот – услуги и други потреби за едно просечно четиричлено семејство. Сите овие релевантни податоци даваат реална слика за просечните потреби на едно семејство. Оваа кошничка ги има исклучено акцизните стоки како цигарите, тутунот и алкохолот како луксузни, но и станарината, зашто според пописот, во 2021 година 90 отсто од населението не плаќало кирија – информира Ристески.

Тој потенцира дека просечната потрошувачка кошничка нема да биде конкурент на синдикалната, зашто, секако, синдикатите имааат право да ги бараат своите права.

ИЗДВОЕНИ